ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.09.2022
Критичката настава ги оспособува младите за општествена трансформација
Автор: Goce Author

Новите генерации не можат да го променат светот ако наставниците на своите ученици  им даваат само модели за „повторување“ на деловни и општествени проекти, и со тоа само да го репродуцираат постојниот општествен поредок.

Концептот на „модел“ е мошне корисен и претставува слика која често се користи или се злоупотребува во научните објаснувања, во образованието, во воспитувањето, во организациските практики итн. Исто така, во наставата често се користат модели за развој на деловни и општествени проекти (алатки за моделирање), кои исто така се злоупотребуваат, и тоа најчесто во форма на образец на деловен модел и многу негови варијации во изминативе две децении.

Можеме да се согласиме дека бизнис моделирањето со користење на образец (business model canvas) е одлична алатка за деловно и проектно планирање како и за дидактички цели на наставниците и консултантите. Но, тука има и некои опасности во однос на некритичката употреба на моделот(ите).

Образецот на деловен модел (многуте негови верзии) има однапред определена структура која се потпира на повеќе имплицитни претпоставки, нуди ограничена листа на зборови што се користат во описот на моделот и во упатството за негово користење.

Исто така, тоа е поставено во една културна и идеолошка позадина што на тие зборови им дава денотација и конотација, односно тоа се значењето на зборовите и вредностите што доаѓаат со нив. Прашањето тука е дали наставниците и консултантите, кога го користат образецот на деловен модел во своите курсеви или во консултациите, разговараат за ваквата позадина со своите слушатели?

Ние сметаме дека одговорот најчесто е „не“. Дополнително, спроведовме концепциско истражување насловено како Важноста на критичката писменост за наставниците и учениците при користење на алатки за образец на деловен модел, инаку студија која има за цел да го расветли постоењето на имплицитните претпоставки и контексти во некои од моделите, и да укаже на важноста на ваквата концепциска и контекстуална анализа на алатките на образец во образованието.

Стандардна структура на образец на деловен модел. Станува збор за алатка за образец во рамките на Creative Commons лиценца преземено од Strategyzer.

Образецот на деловен модел е празен лист хартија кој треба да даде простор за креативна употреба во деловното планирање или во планирањето на социјални проекти, како и за други намени. Притоа, овој празен лист не е толку празен како што изгледа – тој, всушност, кажува илјада зборови.

Бројот и структурата на основните елементи (building blocks) го ограничува контекстот на зборовите што се користат во описот на блоковите: предлог за определена вредност, клиенти, испорака, односи, партнери, ресурси, активности, приходи, трошоци, финансиска добивка. Ако претприемач кој сега започнува со бизнис го користи овој модел и овие зборови ги сфати онака како што се толкуваат во упатствата, тој ќе има полза од тоа. Но, ако на активистка која работи на проект за давање услуги за нега во локална заедница ѝ треба помош при деловното планирање, идеолошкиот контекст на нејзиниот проект е различен од менталната матрица, и ако таа не е во можност критички да го чита моделот на образец, ќе форсира спроведување на коцкаст модел на, инаку, тркалезен проект (ако можеме така да кажеме) и ќе отсече витален дел од својот проект.

На крајот, целиот нејзин потфат ќе биде оценет како неуспех.

Зборовите како „вредност“, „клиент“, „имот“ итн. имаат силна контекстуална позадина

На пример, ако група млади луѓе кои немаат реални можности да купат или да изнајмат станови на еден суров пазар на недвижности, започнат да развиваат проект за заедничко домување, како тие би можеле да ја „втиснат“ својата идеја во моделот што ги разбира само двете значења на зборот „имот“ (приватен и јавен/државен имот), а целосно го изоставува третото значење т.е. заеднички имот или заедничките работи, што е клучна категорија во планирањето на задругата за изнајмување станови.

Автор: КАРОЛИНА БАБИЧ

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Науката открива: Дружењето навистина го продолжува животот
Македонските научници на едно место: Порталот „е-наука“ може да ти донесе меѓународна соработка, бизнис-партнери и финансирање