ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.11.2021
Кризата, неизвесноста, раслоеноста се голем проблем за здравјето на нашиот народ

Птроф. Д-р Методи Чепреганов

Еден од Законите на мајката природа кои се клучни за нашето постоење е Законот на посилниот, вели Проф. Д-р Методи Чепреганов, еден од најистакнатите невропсихијатри во Македонија и пошироко.

„Овој Закон не ми се бендисува, посебно не ни се бендисува на нас, помалите земји. Знам дека македонскиот народ ќе ме осуди, ама закон на посилниот постоел, постои и ќе постои. Мојот професор во Париз велеше –Само големите птици летаат сами, малите летаат во јато-. Треба да знаете да летнете во јатото и да држите правец, затоа што сте малечок. Големата риба ја јаде малата кога и да посака. Тој закон мора да го знаете и да го почитувате, затоа што опстојувањето на малите народи е секогаш зависно од интересот на големите сили. Тоа кој како сака нека го разбере, ама тоа е закон на мајката природа. Лавот во џунглата е лав – зајчето и срничката кога ќе го видат гледаат да се скријат. Тоа важи и за  народите. Засегнат од ова, како дел од еден мал народ, пред многу години на еден мој професор во Париз му поставив прашање – Професоре, значи ли ова дека треба да ја виткаме кичмата? А тој ми одговори: Типично балканско параноично прашање! Вие немате атомска бомба, ама треба да имате атомски ум. Ум, памет, разум, знаење, за да можете да опстанете. Тоа е вашата иднина, а не силата.“ – изјави Чепреганов на предавањето на тема „За смислата на човековото постоење“, кое се одржа на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Прашан за тоа како актуелната ситуација со ковид пандемијата и воопшто кризната состојба влијае на луѓето, Чепреганов  изјави дека Ковид пандемијата е всушност Трета светска биолошка војна, и дека овој вирус се однесува надвор од сите закони на мајката природа, сите вируси имаат вируленција во одредено време – зимно или летно, зависи од вирусот, а овој не признава ништо.

„Приодот на секој од нас кон една стресогена состојба зависи од менталниот склоп на човекот. Нашиот народ има многу фалинки, но основната е образованието. Нашето ниво е такво какво што е, и затоа ние во сите наши дејанија, во интерперсоналните односи или екологијата на духот, употребуваме многу емоции. Тоа е најголемата грешка на македонскиот народ. Секој емотивен, психоемотивен набој ја стеснува свеста, и  го пореметува логичното мислење. Ова го кажувам јавно за луѓето кои се во парламентот – не можам јас да дискутирам добро, ако сум во една агресивна состојба. Апсурд! Мозкот е стеснет, свеста е стеснета, и логичното мислење во такви ситуации е пореметено. Ние живееме 30 години во една пролонгирана стресогена состојба, и не верувам дека има лица кои мислат на народот, колку и да викаат народот, народот народот… Затоа што, неизвесноста, раслоеноста на нашиот народ, зборувам како човек од невронауката, е голем проблем за здравјето на тој исти народ, затоа што психосоматиката е резултат на таа пролонгирана стресогена состојба…Тоа ме плаши мене…“ – рече проф. д-р Чепреганов.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?