
Извидничкиот одред „Еквинокс“ во Штип , светскиот ден на Извидниците ќе го одбележи со организирање на крводарителска акција, која ќе се одржи на 19.2.2026 (четврток) од 11:00 до 17:00 часот во просториите на Дом на млади-Штип. Со мотото „Направи добро дело“, извидниците ги повикуваат сите хумани граѓани над 18 години да учествуваат во овој хуман чин и да даруваат крв.

Ваквата акција е четврта по ред на извидниците, и традиционално се одржува секоја година по повод 22 февруари – денот на Извидниците.
Извидниците одбрале нивниот ден да го одбележат со организација на крводарителски акции бидејќи според нив тоа е обележје за нивната работа и цел, која е пред сѐ хумана.
„Одбравме организирање на крводарителска акција затоа што сметаме дека дарувањето на крв ја покажува хуманоста на дело. Ова нѐ обележува и нас како извидници и нашите вредности кои се пред сѐ хумани. Претходните три акции поминаа многу добро, на една од нив дури имавме и 82 донатори на крв што ја покажува хуманоста на граѓаните.“, вели Љупче Малинов, извидник од И.О „Еквинокс“.
Иако крводарителската акција е главен настан за одбележување на денот на Извидниците, сепак членовите на И.О „Еквинокс“, организирале активности во текот на целиот месец. Во текот на цел месец февруари, кај членовите е во подем кампањата „Направи добро дело“, каде се поттикнуваат и најмладите членови на одредот да направат добро дело за некого и со тоа да стекнат хумани вредности.
„Самата кампања покажува на тоа колку е убаво да се направи добро дело за себе, но и за другите. Така, во склоп на оваа кампања ги повикуваме и сите граѓани над 18 години да ни се приклучат во четврток и да направат добро дело.“, вели Виктор Павловски, извидник.