ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.06.2026
Куклици како шамар од реалноста

Кратовските Куклици заземаа простор на насловните страни повеќе по скандал со безобразно наплаќање на влез, отколку преку која било промотивна кампања!

Она што овие денови стана актуелно, по објава на социјалните мрежи, всушност се случува веќе со години. Само што посетителите не знале дека тоа е всушност криминал. Всушност, објавата на социјалните мрежи и реакциите после неа ја покажаа целата неспособност на нашите институции да се справат со криминалот, со самоволието.

Замислете, Општината Кратово вели „И ние не можеме да пристапиме кон Куклици!“ И да не беше реакцијата на еден посетител, луѓето од Здружението „Извор“ ќе си продолжеа да се закануваат на посетителите, со гребење на автомобили, со наплаќање од ракав, со демонстрирање на сила и своеволие на нешто што природата го создала и ни го дала да уживаме во него. Само што некој уживањето го гледа како посета, фотографирање, прошетка, а некој како бизнис и заработка. На црно.

Апсурд до апсурд открива овој случај, кој, можеби најмногу е значаен по тоа што ако не беше објавата на социјалните мрежи, ќе си останеше локална тема за разговор. Прашање е дали и сега оние кои се надлежни и имаат ингеренции ќе го решат случајот или проблемот.

Загрижува леснотијата со која некој се дрзнува да се спротивстави на една локална самоуправа, да узурпира општествено добро, да напаѓа туристи, да прави криминал. Тоа што станува збор за личност која била и носител на листа на локални избори, е своевиден бонус во целата монтипајтоновска приказна. Токму таа приказна уште еднаш пред носот ни ја сервира реалноста, во која одговорноста е мисловна именка, во која нема ниту ред, ниту закон, ниту правда. Има само пракса во која секој нешто злоупотребува, само ако му се даде можност.

Скандалот Куклици – што ако не се објавеше на социјалните мрежи?

Токму затоа и релативизирањето – „се снашле, што ви пречат“, „зошто не зборите за Бит пазар каде кој каде сака наплаќа за паркинг“, или стандардното „државата ја продадоа, вие за ваква работа се замарате“. Факт – на ските изгледа повеќе ни одговара во одредена ситуација да бидеме бво улога на ќерката и таткото од Куклици, на некој насилник кој наплаќа паркинг кај што не треба, на бизнисмен кој ќе добива тендери, на функционер кој ќе добие нешто за некој да добие тендер… Отколку да има ред.

Каква порака се праќа со немоќта на институциите? Полиција која препорачувала на туристите да се вратат, бидејќи имало некој кој наплаќа паркинг и влез ,а тие соодветно не можеле да реагираат. Локална самоуправа која си признава дека не може да влезе во објектот. Министерство за култура кое веројатно не отишло никогаш да види во каква состојба е ова природно богатство, бидејќи инаку би знаело што се случува.

Од друга страна, каква слика мкон светто сега праќаме? Дека турисите во Македонија можат да бидат ограбени и никој да не им помогне.

Има многу отворени прашања во случајот – каков проект реализирало ова Здружение, зошто општината чекала толку долго за да реагира, па дури и на суд да се бара решение, дали има вистина во информациите за приватна сопственост, дали некој им чувал грб на таткото и ќерката…

И најважното – колку ли вакви примери имаме, ама за нив не се зборува, затоа што никој не ги актуелизирал во јавноста, на социјалните мрежи?

Истражување: Општото ниво на отвореност кај општините е во пад – Битола и Штип меѓу позитивните примери, Град Скопје и Тетово под просекот
Отворен повик за млади истражувачи: Награда од 1.000 евра за најдобар есеј