
Лекарите живеат под ризик – физичките и вербалните напади врз нив се чести, Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз здравствените работници, служи како моќен потсетник.
На 12 март – Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници, Лекарската комора како и докторските комори ширум Европа, повикуваат на итна акција за справување со насилство со што се соочуваат здравствените професионалци и е присутно во здравствените установи, се наведува во денешното соопштение на Комората.
– Во изминатата 2024 година, во Комората се пријавени само четири напади. Еден случај е физички напад врз докторот, два пати станува збор за вербален напад со закана за употреба на сила и еднаш доктор е изложен на навреди на социјалните мрежи. За сите случаи е карактеристично дека нападите се сторени од пациент или од член на потесното семејство, потенцираат од Лекарската комора.
Оттаму нагласуваат дека насилството врз здравствените работници, почнувајќи од вербална злоупотреба до физички напади, достигнало алармантно ниво.
– Истражувања направени од релевантни меѓународни организации проценуваат дека над 60 проценти од здравствените работници во Европа доживеале некаков облик на насилство на нивното работно место. Во анкета спроведена од Лекарската комора пред три години, 78 отсто од докторите пријавија дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80 проценти биле изложени на вербално насилство, додека 6.8 отсто доживеале физичко насилство. Речиси 70 проценти од нападите, воопшто не се пријавени, наведуваат од Лекарската комора.
Калина Гривчева Старделова
Во писмената изјава на претседателот на Лекарската комора, професор доктор Калина Гривчева Старделова, се истакнува дека на овој ден ги повикуваат креаторите на политиките да преземат решителна акција за сузбивање на насилството врз здравствените работници и генерално во здравствените установи. Тоа, како што се додава, преку имплементација во пракса на веќе донесените законски решенија за заштита од насилството, преземање подобрени безбедносни мерки во болниците, обука на здравствените работници за важноста на емпатијата во односот со пациентите, како и обука за начините за деескалација на конфликтот, психолошка поддршка на оние кои се соочиле со проблемот, како и кампања за подигнување на јавната свест за важноста од негување на однос на доверба меѓу пациентите и лекарите.
– Никој не треба да се плаши за својата безбедност додека пружа помош, ниту пак пациентите треба да се чувствуваат несигурно додека ја добиваат здравствената услуга што им е потребна. Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз здравствените работници, служи како моќен потсетник дека насилството не треба да биде дел од работата на здравствените работници и не треба да биде присутно во здравствените установи, нагласува Гривчева Старделова.