ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
15.08.2024
Локалните радиостаници во Македонија пред голем предизвик

Во последните години, локалните радиостаници во Македонија се соочуваат со сериозни предизвици, што претставува сериозен проблем за медиумската индустрија во земјата. Според последните податоци на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вкупните приходи на локалните радиостаници во 2023 година изнесувале 41,30 милиони денари, што е само 2% повеќе во однос на претходната година. Бројката од близу 700 илјади евра, за сите локални радио станици во целата држава, е далеку од доволна да се очекува некаков развој во овој сектор во блиска иднина.

Фото: АВМУ

Приходите пораснале за 2% а трошоците за 4.3%

Минималното зголемување на приходите не е доволно да ги надомести загубите предизвикани од зголемените трошоци, кои достигнале 43,33 милиони денари, што претставува зголемување од 4,3% во споредба со 2022 година.

Падот на приходите е особено загрижувачки, бидејќи неколку радиостаници веќе го прекинаа своето работење. Според извештајот на АВМУ во јануари 2023 година, Скај Радио Плус од Берово се откажа од дозволата за емитување, а во првиот квартал од 2024 година, дозволите престанаа да важат за радиостаниците Чоки од Прилеп, Зора од Делчево и Ускана плус од Кичево. Оваа ситуација укажува на нестабилноста во секторот и ја доведува во прашање одржливоста на локалните радиостаници во Македонија.

Според податоците, приходите на повеќето радиостаници бележат пад во споредба со претходната година. На пример, РА Кавадарци остварила 2,90 милиони денари, што е значително помалку од 5,07 милиони денари во 2022 година. Ова е само еден од примерите за намалување на приходите, што е индикатор за зголемената финансиска нестабилност на локалните медиуми.

И покрај овие предизвици, неколку радиостаници сепак успеале да ги зголемат своите приходи. Радио Плус Форте забележува зголемување од еден милион денари, додека Радио 7 оствари зголемување од 0,95 милиони денари. Сепак, ваквите примери се ретки, бидејќи девет други радиостаници пријавија пониски приходи во однос на претходната година.

Најголем дел од приходите на локалните радиостаници, или 76,71%, доаѓаат од реклами и телешопинг, додека останатиот дел се од спонзорства и други услуги. Овој зависен модел на финансирање го прави локалниот радиски пазар крајно ранлив на евентуални промени во економската средина. Со оглед на тоа дека станува збор за мала количина на средства, а тие најмногу се прибираат од реклами, тоа ги прави исклучително зависни и во нивното известување на локално ниво.

Ситуацијата дополнително се влошува поради недоволната транспарентност и слабата економска моќ на повеќето радиостаници. Слабата економска моќ може да го доведе во прашање објективното известување и релативно лесно да бидат предмет на корупција.

Загрижувачки е и трендот на зголемување на трошоците за производство на програмата, кои сочинуваат 74,22% од вкупните трошоци на локалните радиостаници. Од овие трошоци, најголем дел се трошат за плати и надоместоци на лицата кои се директно вклучени во производството на програмата, што укажува на тешкотиите во одржување на квалитетот на програмата во услови на финансиски ограничувања.

Иако неколку радиостаници успеаја да прикажат добивка, како Радио 7 со 0,56 милиони денари, девет други радиостаници работеле со загуба, од кои најголема е загубата на Радио Б-97, која изнесува 0,81 милиони денари. Оваа слика јасно покажува дека локалните радиостаници во Македонија се соочуваат со сериозни предизвици и дека потребни се итни мерки за подобрување на нивната состојба.

Најголем дел од радиостаниците работат со еден или двајца вработени

Просечниот број на вработени во редовен работен однос во локалните радиостаници се намалил за шест лица во 2023 година, достигнувајќи само 70 вработени на ниво на целата држава. Тоа значи дека моментално 39 локални радио станици вработуваат 70 луѓе по сите основи. Најголем дел од радиостаниците имаат само по еден или двајца вработени, што сериозно го ограничува нивниот капацитет за производство на квалитетна програма и развој на содржини.

Стабилноста и одржливоста на локалните радиостаници се клучни за медиумскиот плурализам и за информираноста на локалното население. Потребна е итна интервенција од страна на државата и регулаторните тела, меѓународни организации и останати засегнати фактори за да се обезбеди финансиска поддршка и да се создадат услови за раст и развој на локалните медиуми. Веројатно за сериозноста од немањето на квалитетен локален медиумски простор треба да биде свесен и бизнис секторот кој во крајна инстанца, во ситуација на немање квалитетен демократски медиумски простор, ќе биде погоден подеднакво како и останатите сектори. Доколку итно и од повеќе фактори не се преземат сериозни и стратешки мерки, ризикуваме да изгубиме важен дел од медиумскиот пејзаж кој игра клучна улога во информирањето на локалното население и одржувањето на културниот идентитет.

Локалните радио станици им е потребна поддршка за подобрување на програмската шема и пласман на информации кои ќе бидат прилагодени според програмската определба на слушателите, а за кои информации локалните радио станици нема да плаќаат или да стравуваат дека пласираат невистинити вести.

Судбината на штипската болница ќе се знае во октомври/ноември – министерството подготвува документација
Средношколец од Штип, и покрај ограничените финансии, освојува златни медали на меѓународни олимпијади по природни науки