ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.03.2026
Лолита Спирова: Исхраната не е тренд, зад неа стои стручен и научно поткрепен пристап

Лолита Спирова е дипломиран инженер прехранбен технолог и магистер по безбедност на храна, но на социјалните мрежи таа е позната по нејзиниот бренд и програмите за исхрана и тренинзи. Своето образование, Лолита го користи за креирање на посебни рецепти и совети со цел балансирана исхрана со квалитетни нутритивни вредности и соодветна физичка активност.

„Љубовта кон спортот и здравиот начин на живот ги развив уште од најрана возраст. Спортувам од својата седма година и спортот ја разви мојата дисциплина, посветеност и љубов кон здравиот начин на живот. Мојата цел е научно поткрепеното знаење да го преточам во практични и применливи решенија кои им помагаат на луѓето да изградат здрави навики, да ја подобрат својата физичка форма и да го унапредат своето здравје.“, вели Лолита.

Социјалните мрежи со себе носат и многу трендови поврзани со исхраната и различни „диети“ кои гарантираат драстични резултати. Особено се преплавени и со безброј реклами за продукти за слабеење по кои многумина посегнуваат за полесни и побрзи резултати.

Лолита порачува дека исхрана не е тренд, туку зад неа стои целосно стручен и научно поткрепен пристап

„Многу е важно младите да научат да прават разлика помеѓу маркетинг и вистински потреби. Маркетингот најчесто нуди „брзи решенија“ и ветува резултати без труд, додека вистинскиот пристап кон слабеењето секогаш се темели на балансирана исхрана, физичка активност и создавање здрави навики.  Мој совет е младите да се информираат од стручни и проверени извори и да не се водат само од трендови и реклами. Кога човек ќе го разбере своето тело и ќе изгради здрави навики, тогаш повеќе не бара брзи решенија, туку одржлив и балансиран начин на живот.“, вели Лолита.

Дали теретаните се добри за младите?

Во последните неколку години особено популарно е и користењето на лекот Ozempic. Трендот и желбата за неколку килограми минус, ги засени луѓето и до таа мера да го користат лекот без индикација и со ризик за сопственото здравје. Имено, Ozempic е лек наменет за пациенти со дијабетес мелитус тип 2.

Според стручното знаење на Лолита, активна состојка на овој лек семаглутид (Semaglutide), помага во регулирањето на нивото на гликоза во крвта, го забавува празнењето на желудникот и го намалува чувството на глад. Поради овој механизам, лекот може да доведе и до намалување на телесната тежина кај пациенти кај кои тоа е медицински оправдано.

„Многу луѓе почнаа да го користат со цел брзо намалување на телесната тежина, дури и без медицинска индикација. Сепак, кога го користи здрав човек без медицинска индикација, може да се појават несакани ефекти како гадење, повраќање, дигестивни нарушувања, замор или хормонски дисбаланс. Дополнително, по прекинување на терапијата постои ризик изгубената тежина повторно да се врати доколку не се направат промени во начинот на исхрана и животните навики.“, вели Лолита.

Токму посегнувањето кон овие „брзи“ трендови води до стагнирање и непостигнување на посакуваната цел

„Првата грешка е стремежот кон брзи резултати, поради што луѓето често се одлучуваат за рестриктивни диети и екстремни режими кои не се одржливи. Втората е следење на совети од непроверени извори, особено на социјалните мрежи, каде што често недостасува стручна основа. Третата е недостигот на конзистентност, здравите резултати бараат време, дисциплина и правилен баланс помеѓу исхраната и физичката активност.Затоа секогаш нагласувам дека здравјето не се гради со краткорочни решенија, туку со знаење, правилен пристап и одржливи навики.“, вели Лолита.

Светски ден против дебелината: младите се сѐ по дебели

Содржината која секојдневно ја конзумираат има големо влијание врз нив, па сѐ зависи од тоа на кои креатори им веруваат и какви совети применуваат. Иако има и многу инфлуенсери кои промовираат здрав и балансиран начин на живот ставајќи акцент кон физичката и менталната благосостојба, има и такви кои промовираат контроверзни ставови во однос на исхраната и физичкиот изглед.

„Од една страна, преку социјалните мрежи, младите можат да се инспирираат за физичка активност, здрав начин на живот и грижа за своето тело. Од друга страна, важно е да се има свесност дека содржината што ја гледаме не секогаш ја прикажува реалната слика. Затоа е важно младите да развијат здрав однос кон своето тело и да разберат дека секој организам е различен и има свои потреби. Верувам дека вистинскиот фокус треба да биде на здравјето, на доброто чувство во сопственото тело и на градење здрави навики, а не само на физичкиот изглед. Кога ќе научиме да се однесуваме со љубов и почит кон своето тело, токму таа љубов ни се враќа преку здравје, енергија и самодоверба.“, вели Лолита.

 

Лолита Спирова

Лолита порачува дека храната може да биде лек кога се избира правилно

Здравиот начин на живот, балансираната исхрана и физичката активност се многу повеќе од само „слабеење“ и губење килограми. Голем дел од луѓето посегнуваат кон консумација на здрави намирници етикетирајќи го тоа како „диета“ и само со една цел – да намалат на тежина. Но, балансираната исхрана и физичката активност во позадина кријат голем број на бенефити кои треба да бидат во прв план и да станат начин на живот.

Мета: И основци пијат енергетски пијалоци, па добиваат тахикардии и висок притисок

„Правилната исхрана и редовната физичка активност имаат значајно влијание врз менталното здравје, бидејќи директно влијаат на функционирањето на организмот и на хормоналниот баланс. Балансираната исхрана обезбедува неопходни нутриенти кои се важни за правилно функционирање на мозокот, концентрацијата, енергијата и стабилноста на расположението. Од друга страна, физичката активност го стимулира лачењето на ендорфини – хормони кои се поврзуваат со чувството на задоволство, намалување на стресот и подобрување на расположението. Редовното движење придонесува и за подобар сон, поголема ментална стабилност и подобра способност за справување со секојдневниот стрес. Затоа секогаш нагласувам дека здравиот начин на живот не влијае само на физичкиот изглед, туку е еден од најважните фактори за целокупната физичка и ментална благосостојба на човекот.“, вели Лолита.

Лолита порачува дека храната може да биде лек кога се избира правилно и му помага на организмот да функционира подобро и да го зачува своето здравје. Затоа ги советува младите за важноста да градат здрав однос со храната.

Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија
Студирање и работење – секојдневие за студентите