
Д-р Маја Дејаноска Алчевска е дипломиран доктор по Општа медицина на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип а моментално работи ПЗУ Амбуланта -2 Битола на позиција матичен лекар. За нејзините идни колеги таа вели дека желбата, упорноста, истрајноста и посветеноста се главниот двигател на патот кон успехот.
Како студент, за Дејаноска Алчевска најголеми предизвици со кои се соочила биле добрата организација на време и промената на местото на живеење. Па така, докторката порачува на студентите да научат добро и рационално да си го организираат своето време во поглед на учењето. Исто така балансот помеѓу практтичната и теоретската настава е од огромно значење за еден студент по Медицина.

Д-р Маја Дејаноска Алчевска
„Најбитно е да научите како да учите, создавајте асоцијаци, поврзувајте ги работите меѓу себе. Континуирано совладувајте ја материјата, активно посетувајте ги предавањата, фаќајте ситни белешки, посетувајте практична настава.“, вели Дејаноска Алчевска.
И покрај предизвиците, сепак постојат многу предности во студиите на Медицина. Како клучни предности во текот на студиите, Дејаноска Алчевска ги издвојува можноста да бидат вклучени во различни проекти и настани, давањето на сопствени идеи и реализација на истите од страна на Факултетот, како и можноста за стекнување на дополнително искуство во практичната настава.
Голема предност е и поддршката од професорите кои несебично го пренесуваат своето знаење и искуство со студентите , како и нивните совети.
„Впечаток ми оставијаа предавањата на професорот Џенгис Јашар, професорот Васо Талевски, професорката Радица Грубовиќ Растворцева и професорката Билјана Поповска Илиевска која за жал повеќе не е меѓу нас. Сите тие луѓе придонесоа да се осознам себеси, што всушност ќе бидам во иднина.“, вели Дејаноска Алчевска.
Во поглед на книгите, таа за сите студенти ги препорачува „Медицинска физологија“ – Гајтон , “Никој не рече дека ќе биде лесно„- Коста Петров и Принципи на интерната медицина на Харисон. Како подкаст , препорака е Everyday Emergency: The MSF podcast.
Како квалитет за студентите по Медицина најпрво е потребно да имаат физичка и психичка спремност и да се подготват за професијата за која се стремат. Понатаму размислувањето со „ладна глава“ и добрата комуникација со пациентите е тајната за добра тактика на лекување на докторот.
Понекогаш студентите може да се соочат со одреден неуспех како паднат испит или потешкотии при некој предмет. Тогаш трпението е клучно за продолжување напред.
„Препорачувам да научите да сте трпеливи, не секој неуспех значи крај. Бидете кројачи на сопственото знаење, совладувајте ги препреките смирено бидејќи и тие се дел од живтот. Искористете ги овие шест години максимално, посветете се на работата која со полно срце ќе ја работите во иднина. Во вашата глава само вие знаете колку знаете, оцената не секогаш е мерило за вашето знаење. Мислата дека еден ден ќе ја исполните вашата животна желба нека ве води во текот на студиите. И не заборавајте крајот го краси делото.“, вели Дејаноска Алчевска.