
Македонија мора да победи против Грузија, тоа е единствениот избор за фудбалските репрезентативци ако сакаме да останеме во игра за првото место во групата Ц на Лигата на нации.

Голот на Пандев во баражот против Грузија
По две кола, нашата репрезентација има една победа и еден нерешен резултат, додека Грузија забележа две победи, од кои посебно значајна е онаа против Бугарија на гости од 5:2. Со тоа, се покажа дека всушност мечевите против Бугарија, како и меѓусебниот дуел на Македонија и Грузија всушност ќе одлучуваат за првото место во групата. Засега, Грузијците се во предност, бидејќи немаа милост кон Бугарија, додека нашите фудбалери не ја искористија подобрата игра и останаа само на нерешениот исход. Поради тоа, секој резултат освен победа на Македонија вечер ќе биде збогување со амбициите. А амбициите се повторување на успехот од претходното издание на Лигата на нации, кога токму на тој начин станавме дел од Европското првенство.
Грузија доаѓа во Скопје не само осоколена и полна самодоверба по петардата во Разград, туку и желна за одмазда. Македонија токму со Грузија во финалниот бараж го обезбеди историскиот настап на Европско.

Се очекува Македонија да настапи во најдобриот состав. Натпреварот според најавите ќе го започнат: Димитриевски, Алиоски, Велковски, Муслиу, Ашковски, Никоилов, Барди, Трајковски, Елмас, Чурлинов и Милан Ристовски.
Ако се суди според траицијата, вечер не би требало да очекуваме многу голови. Во историскиот натпревар за пласман на Европско првенство, во Тбилиси Македонија славеше со голот на Пандев со 1:0. Двете селекции претходно имаат одиграно уште две средби, исто во Лигата на нации, двете завршија со 1:1.
Дуелот Македонија – Грузија започнува во 20.45 на Националната Арена „Тоше Проески“. Од нашата група вечер играат и Гибралтар – Бугарија. Се играат и мечеви од другите групи, а се издвојуваат Португалија – Чешка, Швајцарија – Шпанија и Шведска – Србија. Јунската етапа од Лигата на нации за Македонија завршува во недела, кога во Скопје гостува аутсајдерот Гибралтар.