
Најновото истражување на Европската комисија – Специјален Евробарометар 557 покажува поразителни резултати за научните знаења на македонците. Истражувањето, спроведено меѓу септември и октомври 2024 година, ги анализира ставовите на граѓаните во 27 ЕУ држави и осум земји од соседството, вклучително и Северна Македонија.
На квизот за научна писменост, само 1 од 5 Македонци точно одговорил на повеќе од половина прашања. Особено загрижувачки е што само 20% од испитаниците знаеле дека е лажно тврдењето дека вирусите се произведени во владини лаборатории за контрола врз слободата на луѓето, а исто така само 20% препознале дека не постои скриен лек за рак од страна на фармацевтските компании – што укажува на сериозно присуство на теории на заговор.
Овие проценти се сосема обратни во најразвиените земји. На пример 80% од граѓаните во Шведска не веруваат дека „постои скриен лек за рак“, додека во Македонија 80% веруваат дека „постои скриен лек за рак од страна на фармацевтските компании“.
Кај македонските испитаници, телевизијата останува доминантен извор на информации (69%), а веднаш зад неа се социјалните мрежи (64%). Најмалку се користат научни списанија, книги и подкасти – што дополнително ја ограничува можноста за проверени и квалитетни информации.
Според податоците, само 21% од Македонците веруваат дека научниците не зависат од финансиите од индустријата, додека повеќе од 50% сметаат дека научниците се „опасни поради моќта која ја имаат“. Овие податоци алармираат за длабока недоверба во науката, што може да има сериозни последици врз јавните политики, здравјето и образованието.
Лоша информираност и знаење
Само 3% од граѓаните на Северна Македонија се чувствуваат „многу добро информирани“ за новите научни откритија и технолошки развои, додека дури 55% изјавиле дека се „слабо информирани“ – што ја става државата меѓу најлошо рангираните во Европа. Слична е состојбата и со медицинските откритија: лидер по дезинформираност заедно со Србија и Албанија.