ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
18.05.2022
Македонисти од Штип во посета на Спомен – домот на Блаже Конески

Студенти и професори од Катедрата за македонски јазик и книжевност од Филолошкиот факултет при УГД – Штип, реализираа уште една студенска посета. Тие го посетија Спомен – домот на академик Блаже Конески во неговото родно село, Небрегово.

 

  • ,,Навидум студена куќа од каменот, а силно разгорување на пламенот во нашите души. Не би биле доволни илјадници зборови, милион книги за да се опише исполнетоста што ја почувствував кога стапнав во Блажевото огниште. Гласот му шепотеше преку дебелите ѕидини, секој негов чекор како да одѕвонуваше некаде блиску до мене. Пак ќе се вратам и уште еднаш ќе го доживеам неговото присуство“, вели Елена Станојкова, студентка во трета година.

Прилепчанка, роднина на Блаже Конески, прва во македонска граматика

Студентите-македонисти и средношколците имаа можност да прочитаат стихови за Конески.

  • ,,Во автентичниот амбиент во кој израснал Конески, беа рецитирани неговите стихови од страна на студентите и средношколците. Ја посетивме работната соба на Конески, одаите во кои тој своевремено живеел заедно со своето семејство, балконот каде што ги гледал планините и каде што му биле раскажувани приказни од неговата баба“, додава доц. д-р Милена Ристова-Михајловска.

Професорките, д-р Ана Витанова – Рингачева, д-р Милена Ристова – Михајловска и м-р Марија Иванова, имаа свои обраќања за важноста на академик Конески. Витанова-Рингачева и Ристова-Михајловска прочитаа и свои творби, посветени на Конески. Свое обраќање имаше и проф. Атанас Конески, претставник на Фонадацијата за македонски јазик, Небрегово, кој ја истакна континуираната и продлабочена соработка со Филолошкиот факултет во Штип.

  • ,,Сакавме на некој начин да им го доближиме Блаже Конески на студентите уште повеќе. Идејата ни беше да дојдеме овде заради тоа што овде, неговата поезија не само што звучи, туку и значи, неговиот збор исто така значи и зрачи, навистина многу“, истакнува доц. д-р Ана Витанова – Рингачева.

Студиската посета се реализираше со поддршка од деканката, проф. д-р Драгана Кузмановска и продеканката на Филолошкиот факултет при УГД -Штип, проф. д-р Весна Коцева.
Студентите и професорите останаа под силни впечатоци и стекнати нови, но и утврдени знаења во гласната тишина во родната куќа на Блаже Конески.

Какви ќе бидат политиките на Трамп кон Балканот?
Дебатата како уметност на слушање: Кога убедувањето прераснува во наметнување