Стапката на непланирана бременост кај малолетните девојки во Македонија е една од највисоките во Европа. Според информациите споделени на неодамнешната дебата организирана од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, таа изнесува 11%. Стапката на малолетнички породувања е 15,7 на 1.000, што е речиси трипати повеќе од просекот од 6 на 1.000 породувања за земјите од Европската Унија.
Иако не постои најдобра возраст за забременување, сепак малолетничката бременост несомнено претставува проблем за секоја девојка, кој носи различни психолошки и социјални ризици. Не секоја девојка е спремна да се соочи со бременоста, а абортусот не секогаш е решение за настаната ситуација. Без разлика што и да одлучат, последиците се многубројни. Сеопфатното сексуално образование во Македонија, како едно од решенијата, е мета на дезинформации кои уште повеќе ја усложнуваат оваа проблематика.
Според Хера пристапот до точни и проверени информации, едукацијата, слободните и отворени разговори на сите теми се најефикасното решение за вакви проблеми затоа што придонесуваат кон превенцијата на непланираната / малолетничката бременост.
„Преку врсничките едукации по сеопфатно сексуално образование гледаме дека младите имаат желба и потреба од отворен разговор и од безбеден простор каде што секој ќе може да постави прашање на теми кои се сметаат за табу. Оттука, одлично системско решение би било да се воведат вакви содржини во формалното образование, но, од друга страна, мора да се обезбедат и достапни услуги за сексуално и репродуктивно здравје“, велат од Асоцијацијата.
Од Хера потенцираат дека токму една од главните компоненти на ССО вклучува едукација во однос на непланираната бременост. Опфатени се аспектите кои ѝ претходат на непланираната бременост, ризиците, како доаѓа до тоа, заштитата и информации за советување и услуги за контрацепција. Се зборува и за тоа што да се прави доколку дојде до непланирана бременост, односно како најбезбедно да се донесе рационална одлука која ќе биде најдобро решение за самата девојка.
Најголема пречка – дезинформациите
Најголемата пречка во борбата за достапно сеопфатно сексуално образование (ССО) се дезинформациите и негативната слика што се пласира во јавноста – односно, дека ССО е штетно и непотребно бидејќи сите информации ги има на Интернет. Со тоа, велат од Хера, младите добиваат погрешна слика, а лесно достапни, соодветни и точни информации за сексуалното и репродуктивното здравје во Македонија и понатаму не се лесно достапни на терен.
„Она што дефинитивно придонесува сексуалното образование да биде „баук“ е неизмерното ширење лаги и дезинформации од страна на одредени формални и неформални групи кои сакаат да создадат паника меѓу родителите дека овој тип на образование ќе ги сексуализира младите, дека ќе им наметне погрешни вредности и дека ќе ги наведе на опасно однесување. Што е сосема парадоксално затоа што, баш напротив, сексуалното образование ги учи младите на здраво однесување, преземање одговорност за своето и здравјето на другиот, на емпатија и толеранција, неприфаќање на насилството од кој било тип, отвореност кон споделување на проблемите со кои се соочуваат, но и барање помош и поддршка за навремено да се избегнат штетните последици доколку дошло до несакана ситуација“, велат од Хера.
Најголем број меѓу малолетните мајки се Ромки
Креирањето на превентивни мерки за репродуктивно здравје не се систематизирани во една програма. На дебатата „Колку се младите мајки, а особено Ромките, препознаени и услужени од системот на здравствена и социјална заштита“, која беше одржана во Април, годинава, во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување се дискутираше за тоа дека најголем број меѓу малолетните мајки се од ромска националност, а пристапот до информации за нив е навистина тежок.
Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ често пати организира едукации, работилници и форум театар за малолетнички бракови и бремености, а од здружението велат дека тоа дава позитивни резултати и случаите се намалуваат.
„Сексуалното и репродуктивното здравје на Ромките од Шуто Оризари е постојано под ризик последните 10 години, особено поради тоа што Ромките од Шуто Оризари низ годините се соочуваат со низа предизвици, проблеми, тешкотии и немаат еднаков пристап до здравствени услуги, особено поради немање матичен гинеколог во Шуто Оризари во неколку наврати. Во моментот во оваа општина има еден матичен гинеколог.“, вели Азиза Сали од Здружението.
Според неа, при креирањето на превентивни мерки изостануваат оние кои се насочени кон здравствената грижа во текот на бременоста и дека сите мерки за репродуктивно здравје не се систематизирани во една програма.
„Со оглед на малиот процент на искористеност на мерките може да се заклучи дека тие не се креирани според потребите на жените“, додава Сали.
Таа вели дека покрај воведувањето на сексуално образование, како Здружение се залагаат и за пристап до бесплатна контрацепција и можност таа да се подигне од гинеколошката ординација во Здравствениот дом во Шуто Оризари и околните гинеколошки ординации.
Психолошките и социјалните ризици од непланираната бременост се многубројни
Експертите предупредуваат дека непланираната бременост во адолесцентниот период со себе носи бројни психо-социјални последици. Малолетничките често пати не се во можност да го завршат своето школување и не се чувствуваат подготвено за ситуацијата која што ги очекува во иднина.
„Од социјалните ризици кои ги носат малолетничката бременост и мајчинство би ги издвоиле отежнатото продолжување на образованието: девојките го напуштаат училиштето и не се стекнуваат со соодветни квалификации кои би им овозможиле добро позиционирање на пазарот на труд. Тоа, пак, ги става во ризик од невработеност и сиромаштија, што носи низа други последици. Би ја спомнале и социјалната исклученост поради силната стигма типична за оваа ситуација, што несомнено влијае на психичкото здравје. Од друга страна, кога бременоста е непланирана, особено кај малолетни девојки, многу е веројатно да предизвика чувство на неизвесност, неподготвеност, исплашеност. Токму затоа е потребна континуирана поддршка и цел систем на превенирање на вакви состојби“, велат од Хера.
Во текот на изминатата година Работна група формирана од Бирото за развој на образованието изготви Стратегија за имплементација на ССО во формалното образование. Од Хера велат дека сè уште се очекува Стратегијата да биде усвоена, а во меѓувреме тие работат на информирање на јавноста за содржините на ССО.
Во светот има програми за ССО наменети за претшколска возраст, за основно и средно образование, па дури и за студенти. Од Хера потсетуваат дека всушност не постои вистинска возраст за споделување информации за сексуалното и репродуктивното здравје сè додека содржините кои се споделуваат се соодветни на нивната возраст и така што можат да им помогнат да се носат со секојдневните предизвици и да се заштитат од непријатни искуства.
Извор: РАДИО МОФ