ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.12.2021
Македонската книжевност претставена пред студенти во Париз

На тема ,,Големината и стилистичко – јазичното богатство на КЛИМЕНТОВОТО ДЕЛО”, доц. д-р Милена Ристова-Михајловска одржа предавање на Националниот институт за јазици ИНАЛКО во Париз пред студентите, кои изучуваат македонски јазик.

,,На поводот – 1105 години од упокојувањето на св. Климент му дадовме ,светлозрачност’ преку реализацијата на ова предавање и претставување на македонската литература, уметност, издавачка дејност, фолклор и култура во Париз”, вели доц. д-р Ристова-Михајловска.

На Катедрата за македонски јазик на ИНАЛКО, како што вели Ристова-Михајловска, во склоп на предавањето, студентите читале текстови на македонски, старословенски и  црковнословенски јазик, а  преведувале и од македонски на француски.

,,На ИНАЛКО претставив средновековни страници што се чуваат во Библиотеката во Штип, публикации од поновата издавачка дејност на НУ-УБ ,,Гоце Делчев”-Штип и  на АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ-Штип. Ги опфатив темите за калиграфијата и автографијата, дејноста на светите Кирил и Методиј и Климент и Наум, како и македонската писмена традиција преку полемичките призми. Најголем беше интересот на студентите во делот за фолклорните адаптации и интерпретации на моите  истражувачки материјали”, додава Ристова-Михајловска.

Во годината кога се прави синтеза од повеќе значајни датуми, меѓу кои и 100 години од раѓањето на Конески, 130 години од упокојувањето на Рембо и 1105 години од упокојувањето на св. Климент, преку книжевниот прошет, достоинствено беше исполнет заветот преку ова предавање со книжевно-уметничко претставување.

,,Пред студентите во Париз, зборував за надреалистичките импулси во македонската и француската поезија преку  споредување на поетиките на македонскиот Андреевски и францускиот Бретон”, истакнува проф. Рената Пенчова.

Во Париз биле презентирани и ликовни дела и ракотворби под менторство на проф. Анастасија Петрова од Школата за ликовна уметност и ракотворење ,,Нова визија” при АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ и проф. Ванѓе Манева од ООУ ,,Тошо Арсов”-Штип.

Прием за д-р Ристова-Михајловска и проф. Пенчова беше остварен кај Амбасадорката на Р. С. Македонија во Париз,  Н. Е. Јадранка Чаушевска Димов, која трета година по ред дава поддршка околу проектните активности за афирмација на македонскиот јазик, литература, уметност и култура во Париз, Франција, и околу претставувањето на францускиот јазик,  литература, уметност и култура во земјава.

Предавањето и претставувањето се во рамки на проектот „Француски учиме, македонски читаме-култура спојуваме и развиваме“,  поддржан од Министерството за култура на Р. С. Македонија, во организација на НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип, АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ-Штип и авторот на проектот, проф. д-р Ангеле Михајловски, а со поддршка на Амбасадата на Р. С. Македонија во Париз.

11 Октомври од перспектива на денешен студент
Ако 11 Октомври 1941 се случеше денес?