ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
08.09.2025
Македонскиот јазик почнува да се изучува во Бранденбург, Германија

Во германската покраина Бранденбург, за првпат ќе се организира настава на македонски јазик. Интересот е голем – 15 деца од различна училишна возраст, почнувајќи од прво одделение па сè до четврта година средно училиште, се веќе пријавени.

Разговаравме со професорот Ивица Богатинов, кој е иницијатор и организатор на овој проект. Тој вели дека идејата произлегла од визија да се создадат генерации општествено и морално одговорни млади луѓе, спротивно на негативните вредности кои ги носи дигиталното време. „Се склопија коцките, наидов на вистински луѓе, ја презентирав замислата и таа веќе беше во процедура за системско одобрување, без никој да ме праша од која партија сум или која националност,“ раскажува Богатинов.

Ивица Богатинов

Се изјасни професорот и за тешкотиите со кои се соочил во процесот на реализација. „Ова беше стаза само со препреки – германска бирократија, безброј термини од институција во институција, документи, потврди, дипломи, препораки, сите можни проверки. Но вредеше! Нема поголемо чувство од тоа сам да се избориш за нешто толку значајно,“ додава тој.

Ивица вели дека часовите ќе се одвиваат во комбинирана, индивидуална и програмска форма, со цел децата постепено да напредуваат и целосно да се запознаат со јазикот, историјата и сопствените корени. „Ова е многу значајно за целата македонска заедница во Бранденбург. Ќе се создадат услови таа активно да биде забележана и да придонесува во сите општествени сфери,“ истакна тој, упатувајќи и посебна благодарност до Институтот за демократија и интеграција RAA и нивниот тим за поддршката.

Реакциите се мошне позитивни, потврдува професорот. „На децата им недостасуваа другарчиња кои го зборуваат мајчиниот јазик, а и родителите ќе имаат можност да стекнат нови пријателства и дружења,“ објаснува Богатинов.

Тој испраќа и апел до јавноста во Македонија: „Би било добро луѓето да дознаваат повеќе за вакви проекти. За жал, медиумскиот простор е преплавен со црна хроника и политика. А токму овие иницијативи се нашата вистинска амбасада – зачувување на јазикот, културата и идентитетот надвор од Македонија.“

„Ако не можеме да ги негуваме вредностите дома, тоа е трагично. Но затоа ќе имаме мала Македонија во Германија, каде што децата нема да го заборават мајчиниот јазик и историјата. Ова е само почеток,“ завршува професорот Богатинов, со надеж дека вакви иницијативи ќе се шират и во други германски градови.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?