Со освојувањето на Големата награда на 63. издание на фестивалот на документарен и краток филм „Зинеби“ во Билбао, Шпанија, македонскиот филм “Северен пол” се квалификува и влезе во конкуренција за номинација за “Оскар ” наградите и доби номинација за Европски награди (EFA).
Номинациите за “Оскар” од американската Академија за филмска уметност и наука ќе бидат објавени на 8 февруари 2022, а доделувањето е на 27 март. Номинацијата на „Северен пол“ и за Европските филмски награди ќе биде догодина, а доделувањето ќе биде во декември 2022.
Филмот е во режија на Марија Апчевска , а во продукција на Роберт Насков од „Кино око“ во копродукција со „Сервиа Филм“ од Србија и „Тиволи Продукција“ од Унгарија. “Северен пол” финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.
Главните улоги во „Северен пол“ ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Биљана Гргур, дизајн на шминка Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуча, кастинг Кирија А. Николоска.