
Со активирањето на новиот национален портал е-наука, Македонија добива единствена дигитална платформа што ги поврзува научниците од земјата и дијаспората со глобалната научна заедница и бизнис-секторот.
Идејата е „е-наука“ да нуди централизиран простор каде што на едно место се прикажуваат истражувачите, научно-истражувачките установи, нивните научни трудови, цитирањата и h-индексот.

Порталот е дизајниран како национален регистар што треба да го мапира целиот научен потенцијал во земјата. Досега се регистрирани 229 истражувачи, а целта е да се опфатат сите – од државните и приватните универзитети, МАНУ, научните институти, па сè до самостојните истражувачи и македонските научници кои работат на странски универзитети.
Што добиваат истражувачите ако се регистрираат:
Глобална видливост: Платформата е директно поврзана со најголемите светски бази за научни податоци – Web of Science, Scopus и Google Scholar.
Директна врска со бизнис-секторот: Компаниите што бараат експертиза за развој на нови производи, иновации или индустриски истражувања сега можат брзо пронајдат истражувач преку филтер по научни области. Ова значи конкретни можности за платени проекти, консултантски ангажмани и претворање на теоретското знаење во комерцијална вредност.
Меѓународни коавторства и грантови: Странски универзитети и истражувачки центри имаат пристап до порталот, што го олеснува наоѓањето локални партнери за задеднички апликации за меѓународни научни грантови (како Horizon Europe и слични фондови).
Отворени врати за дијаспората: Истражувачи од странство, македонски иселеници кои работат во странство лесно ќе се поврзат со македонците дома, платформата овозможува лесно поврзување и вклучување во национални проекти.
Платформата „е-наука“ може да има директни придобивки и за пошироката јавност:
Лесен преглед на домашниот научен потенцијал: Студентите и младите кои подготвуваат дипломски, магистерски или докторски трудови можат лесно да откријат кои професори и научници се занимаваат со нивната тема на интерес, што суштински го олеснува изборот на ментори и соработници.
Транспарентност и статистика: Јавноста и новинарите добиваат точен увид во тоа во кои науки најмногу се вложува и какви резултати испорачува домашната наука.
Повеќе пари за истражувања: Буџетот за научно-истражувачка дејност бележи раст (од 380 милиони денари во 2024 година, до 773 милиони денари во 2026 година), а во тек се и национални проекти вредни над 370 милиони денари. Дополнително, за научниот кадар е обезбеден бесплатен пристап до Web of Science и Scopus, што го олеснува пристапот до светската литература.
„Ги охрабрувам сите истражувачи од државните и приватните универзитети и високообразовни установи, од јавните и од приватните научни установи, научни институти и од МАНУ, како и самостојните истражувачи што работат во Македонија, но и истражувачите со македонско потекло кои работат на странски универзитети, да пополнат апликација и да влезат во електронскиот регистар е-наука. Тој е транспарентна и сеопфатна алатка за откривање на нивната работа на домашна и меѓународна научна сцена“, изјави министерката Весна Јаневска.
Регистрацијата е преку e-nauka.mon.gov.mk