ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
02.06.2025
Малински 2025: Штип беше домаќин на јубилејниот фестивал на фотографија

Штип и Куманово беа домаќини на јубилејното, 10-то издание на Малински Фото Фестивал – културна манифестација која веќе една деценија ја обликува фотографската сцена во Македонија. Овој фестивал, кој прерасна во движење што ги поврзува домашните и странските автори, понуди изложби, проекции и теренска работа, а низ својата програма ја слави визуелната уметност како средство за комуникација, креативност и општествена промена.

Посебен акцент годинава беше ставен на изложбата „Мајстори на НФУ“ (Национална Фото Унија), отворена со пригоден говор кој го нагласи значењето на жените во фотографијата. Признание за својата работа добија три извонредни авторки: Марина Атанасовиќ, Мери Бошкоска и Неда Арсениевска – секоја со уникатен уметнички пристап и длабок визуелен јазик.

Марина Атанасовиќ, фотографка од Куманово и еден од организаторите на фестивалот, го претстави својот проект кој ја документира индустриската реалност на кланиците, предизвикувајќи силни емоции и поставувајќи отворени прашања за односот човек–животно.

Мери Бошкоска, професорка од Прилеп, ја претстави својата серија во која архитектурата и човековата фигура се вклучени во естетски дијалог. Црно-белите кадри полни со симетрија и сенки нудат приказна зад секој агол.

Неда Арсениевска, најмладата учесничка, со визуелна зрелост претстави емоционално набиени фотографии што истражуваат самотија и внатрешен простор, поставени во строги архитектонски рамки.

Фестивалот, под уредништво на Владимир Јовановски, продолжува да биде платформа каде што младите учат од поискусните, каде се рушат граници и се градат мостови на разбирање преку фотографијата.

За младите, ова е повеќе од културен настан – тоа е можност да се поврзат, инспирираат и најдат свој простор во светот на уметноста.

„Фотографијата овде не е само медиум, туку начин на живот, начин на гледање и разбирање на светот.“ – беше пораката што одекна од отворањето на фестивалот.

Фотографиите од фестивалот се поставени во НУ Универзитетска Библотека „Гоце Делчев“ во Штип. Во продолжение фотографии од отворањето на фестивалот. Авторка на фотографиите е Анита Палческа.
 

 

 

Инклузијата на децата во училиштата не е избор, туку обврска
Над 50% од раководните позиции во Министерството за одбрана се жени