
Употребата на антибиотици отсекогаш е тема на дискусија, за која најчесто здравствените лица имаат став дека антибиотици не треба да се земаат на своја рака, без консултација со лекар. Со појавата на корона вирусот и Ковид пандемијата, ова прашање стана уште поактуелно, бидејќи во време кога во целиот свет на некој начин се „луташе“ во поглед на начинот на третирање на заразените од вирусот, па често пати и без консултација со лекарите пациентите со желба да си помогнат употребуваа нјразлични лекови, вклучително и антибиотици. Во врска со оваа тема се огласи и Агенцијата за лекови и медицински средства, која соопшти дека согласно своите стратешки цели а во насока на заштита и унапредување на јавното здравје будно ја следи употребата на антибактериските лекови за системска употреба (антибиотици). Од почетоткот на пандемијата со COVID 19 евидентирана е зголемена потрошувачката на антибиотиците.
Агенцијата за лекови и медицински средства во интерес на јавното здравје и безбедната употреба на лековите, ги потсетува здравствените работници на насоките за рационално користење на антибиотици, нивна употреба согласно индикационото подрачје како и издавање на антибиотиците во аптеките исклучиво на лекарски рецепт. (согласно одредбите утврдени во Законот).
Антибиотиците се индицирани за третман на бактериска инфекција но не и вирусна. Апелираме до граѓаните да не користат антибиотици за превенција и третман на корона вирусот COVID 19 на своја рака, по свое лично убедување и без претходна консултација со лекар или фармацевт.