
Младиот математичар Дамјан Давков од Штип кој до сега направил многу математички подвизи, повторно има со што да се пофали. Дамјан на државниот натпревар по математика освои 100 поени во конкуренција со ученици от трета година средно училиште, а тој е полуматурант и ученик во 9-4 одделение во ООУ „Ванчо Прке“ од Штип.

Натпреварот се одржа во саботата во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Деветтоодделенецот Дамјан Давков, ученик во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип поради тоа што сè уште е во основно образование, неговото учество не се вбројува во официјална конкуренција. Првото место го освои Мајкл Георгиевски, ученик во гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци, со освоени 96 поени. Второто место, со 73 поени, го освои Алек Танасковски од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје , трето место освоија осум средношколци, а беа доделени и четири пофалници.
Објавена е и листата на ученици кои добиле покана од страна на Сојузот на математичарите на Македонија за да се натпреваруваат за 29. Македонска математичка олимпијада, што ќе се одржи на 28 април на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Меѓу поканетите е и штипскиот Питагора.