
Матурантите кои полагаат државна матура денеска нема да имаат слободна сабота. Во државните средни училишта се полага првиот екстерeн испит – Мајчин јазик и литература од државната матура за учебната 2021/2022 година.
Според Државниот испитен центар (ДИЦ), за македонски јазик се пријавени 11 060, за албански јазик 4308 и за турски јазик 313 матуранти.
За полагање на државна матура, која е услов за запишување на факултет, годинава се пријавиле 15 899 ученици кои завршуваат средно образование. Од нив, 7135 се од гимназии, 8504 од стручни и 260 од уметнички училишта.
Полагањето на вториот екстерен испит ќе биде на 13 јуни од 10 часот. Тој е по избор на учениците, а и годинава се повтори праксата најголем интерес да има за англиски јазик. За тестот по англиски јазик се пријавиле 14 320 кандидати, математика ќе полагаат 1231, германски јазик 118, триесет кандидати има за тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 ќе полагаат филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.
Резултатите треба да бидат објавени најдоцна 30 дена од полагањето на вториот екстерен испит. Матурантите што нема да ја положат државната матура, ќе имаат втора можност во августовската сесија. Термините се 10 и 12 август.
Покрај екстерни, матурантите имаат и два интерни испита и една проектна задача. Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година полагаат државна матура како и минатогодишната генерација, која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми. На барање на матурантите да им бидат олеснети условите поради пандемиската година, лани бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит. Годинава имаше и неуспешна иницијатива – петиција за неполагање матура.
Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19. Матурата во јуни 2021 ја полагаа околу 15 300 ученици. Средната оценка од двата екстерни испита лани беше 3.61 и подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48.