
Меѓународен тим археолози ќе работат на подводни истражувања на локалитетот Врбник кај Струга, во рамките на проект од Министерството за Култура. Тие се дел од интернационален проект кој го истражува животот и активностите во наколните населби покрај езерата во Македонија, Албанија и Грција, а ги реализира Археолошкиот музеј од Скопје во соработка со Музејот „Д-р Никола Незлобински“ од Струга, како дел од проектот „EXPLO“ предводен од Универзитетот во Берн, Швајцарија.

Македонските подводни археолози, палафитните наоѓалишта и наколните населби во Врбник ќе ги истражуваат заедно со колеги од Австрија, Швајцарија, Франција, Полска и Германија.
Целта е откривање на начинот на живеење во наколните населби во Врбник и нивната старост, преку интердисциплинарен пристап, анализа, дендрохоронологија (испитување на старост на колците) и палеоботаника.
Се работи за интернационален проект со акцент на животот и активностите во наколните населби покрај езерата во Македонија, Албанија и Грција. Заеднички проект на универзитетите во Берн, Солун и Оксфорд. Во рамки на проектот досега се реализирани истражувања на локалитетот Деспилио, Костурско Езеро во Грција, Лин во Албанија и Заливот на коските кај Охрид.
