
Мелани Стојанова е ученичка во средното медицинско училиште во Штип, СОУ „Јане Сандански“ и од 14 годишна возраст започнала да се занимава со веб дизајнот. Денес , таа има завршено повеќе онлајн курсеви за да се надогради во оваа област. Еден од овие курсеви е професионалниот курс Google UX Design.

„Веб дизајнот претставува еден комплексен процес на креирање и дизајнирање веб страни. Јас сум конкретно фокусирана на UX/UI дизајн или “Дизајн на корисничко искуство/Дизајн на кориснички интерфејс’’. UI се фокусира на дизајн кој е лесен за пристап, визуелно привлечен и ги опфаќа сите интерактивни елементи при користење на една апликација или веб сајт. UX ја претставува целата интеракција која корисникот ја има со еден продукт, вклучувајќи и како се чуствува додека го користи. Со веб дизајн и UX/UI работам околу една година, а искуството во одделот на визуелен дизајн ми е околу две-ипол години. Сметам дека сé започна од кога дознав за графичкиот дизајн и од тогаш ми се роди желба да просперирам во дигиталниот дизајн. Морав да бидам самоука, и сама да се обидам да научам нови работи на само 14 годишна возраст“, вели Мелани.
„Професионалниот курс Google UX Design опфаќа 7 завршени курсеви. Нормално програмата е направена за да се заврши во рок на 7 месеци, но платформата за учење дозволува учење по сопствено темпо. Програмата е прекрасна .Вклучува пракса каде се изработуваат проекти кој понатаму се оценети од вашите соученици на курсот. Од придобивките најважно мислам дека е длабокото знаење кое се стекнува постепено, потоа бесплатниот премиум пристап на една од алатките за дизајн (Figma) и една година бесплатен пристап на Big Interview Google при завршувањето на курсот. Останати курсеви кој ми помогнаа да се усовршам во работата беа “Комуникација и интерперсонални вештини’’ од University of Leeds & Institute of coding, “Претприемиштво’’ од King’s College London и “Дизајнирање иднина каде учењето е животен стил’’ од Samsung. Сепак мислам дека најважна е честата практика и учење на други важни дизајн алатки (Adobe XD)“, вели Мелани.

„Најчесто се промовирам преку сопствено дизајн портфолио. Со фриленс работата клиентите се најчесто од страна, но ако би работела во некоја дизајн агенција, би преферирала да е од Македонија. Нашиот пазар сѐ уште се развива за оваа професија, најчесто оние кој завршуваат со UX/UI курсот овде (Имам слушнато за курсот од Brainster) преферираат да работат на страна, но ако се бара доволно може и овде да се најде работа“, вели Мелани.
Од играње игри на компјутер , ни се роди идеја да креираме своја ИТ freelanсе група
Иако медицината и веб дизајнот немаат допирна точка, сепак Мелани наоѓа начин да ги спои нејзините различни пасии. Таа смета дека заедничко за овие две области е помагањето на луѓето и наоѓањето на полесен пристап за решање на проблемите.
„Пред кратко време дизајнирав концепт апликација за медицински курсеви каде во приоритет се ставени курсевите за прва помош, од каде е и името на апликацијата „FirstHelp”. Навистина ми беше задоволство да ги спојам медицината и дизајнот, а во исто време и да се дизајнира апликација за општествено добро“, вели Мелани.