ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
09.05.2024
Млади волонтери организираат хуманитарни концерти, работат со социјално загрозени и лица со интелектуална попреченост, а придонесуваат и за почиста околина во Штип

23 млади волонтери на возраст од 13 до 17 години изминатиот период реализираа 4 проекти во рамките на организацијата на Црвен Крст во Штип. Проектите се дел од активностите на програмата Црвен крст во Акција- Промоција на Хумани Вредности (ЦКА-ПХВ). Сите четири активности беа насочени во насока на придонес во заедницата и подобрување на одредени сегметни.

Волонтерите при Црвен крст – Општинска организација Штип под менторство на дисеминаторот Марија Стојчева реализираа 4 проекти и тоа:

Концерт за промоција на меѓуетнички соживот и толеранција

„Мулти-култи дефиле“ реализираше музички концерт во НУ „Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип. На овој концерт се изведуваа македонски, турски и ромски музички точки. На концерт учествуваа и учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ Карбинци, кои ги претставија македонските и турските народни носии. Концертот имаше за цел промоција на соживот, толеранција и меѓусебно разбирање помеѓу различни етнички групи.

Од концертот во Штип

23 илјади денари за социјално загрозено лице

„Полно срце“ работи на проект за помош на социјално загрозено лице, мапирано во соработка со Центарот за социјални работи – Штип. Изминативе 2 месеци се реализираа бројни активности како хуманитарен турнир во одбојка, изработка на велигденски украси, како и изработка на хартиени цветови и честитки по повод Денот на пролетта. Младите волонтери од своите активности собраа 23.218 денари и истите ги употребија за реновнирање на дневниот престој на корисникот. Волонтерите набавија ламинат, ги молерисуваа ѕидовите, ги префарбаа вратите и прозорците.

 

Волонтерите во акција

Подобрување на условите во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост

„Заедно сме посилни“ има за цел подобрување на условите на корисниците на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост – Порака, како и континуирано спроведување на активности во насока на нивна социјализација и дружење. Младите организираа еко акција – чистење и уредување на дворот на Центарот,  се дружеа и во Киноверзум Штип, каде го проследија филмот Арката на Ноа. За собирање на парични средства со кои ќе им помогнат на корисниците, тимот од Црвен Крст организираше хуманитарен турнир во Баскет, а со собраните средства купија бела табла за пишување со маркери, тастатура, два пара слушалки и таблет.

Волонтерите помагаат во уредување на дворот на Центарот

Изработка на корпи за отпадоци преку соработка со бизнис секторот

„Зелена околина“ работи на ЕКО проект – поставување на 4 корпи за отпадоци на тврдината ИСАР. Нивната идеја беше да ги изработат корпите за отпадоци од стари палети кои сами би ги оформиле и приспособиле. За таа цел тимот воспостави соработка со локални компании кои ја потпомогнаа оваа активност и изработката на кантите. Целта на проектот е  реализирање активности насочени кон подигање на јавната свест за зачувувањето на животната средина.

Волонтерите изработуваат корпи за отпадоци

 

 

Оваа програма на Црвен крст повеќе од 20  години претставува алатка за регрутирање и задржување на волонтери на возраст од 13 до 17 години. Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, културата како систем од вредности и како да изработуваат мали проекти за помош во заедницата. Тие ја менуваат својата дневна рутина, поминуваат време во истражувања, активности, промоции, разговори со целните групи, тимска работа со цел изработка на овие проекти и помош на лицата кои се таргетирани од нивна страна.

Во сабота за првпат ќе се одржи фестивал на кучиња во Скопје
Насилството меѓу момчињата сѐ поголемо, младите со сериозни предизвици со менталното здравје