
„Без разлика која политичка партија е на власт во Кавадарци, Центарот мора да биде финансиран…На младите им нудиме буквално се што им треба, сакаме што повеќе млади луѓе да слушнат за нас, не само од Кавадарци туку и во регионот“, вели , координатор на Младинскиот центар, Кавадарци во интервјуто за Гоце.мк
Младинскиот центар е првично отворен во 2021 и е прв центар во државата од ваков тип, значи општински младински центар, којшто го водат невладини организации, кои работат на полето на младинска работа веќе долги години и центарот е отворен бидејќи нуди поддршка за младите од буквално речиси секаков тип. Првично за личен развој, но и социјалниот живот на младите, бидејќи младинскиот центар, самиот како место, е простор каде што младите се чувствуваат слободно за да можат да се изразат и да учат нови вештини.
Младинскиот центар има годишна програма во рамки на која ги разгледуваме потребите на младите од 15 до 29 години и според нивните потреби правиме различни активности за да може да се покријат сите. Секоја година реализираме активности, за да се усогласат со потребите на младите од Кавадарци, меѓутоа и од околните села, па и можам да кажам за целиот регион, бидејќи имаме активно вклучени млади и во различни работилници, во проекти и од околните општини, како што се Росоман, Наготино. Во моментот работиме на програми за поддршка на вработливоста на младите, особено за тие од ранливите категории. Имаме активности кои нудат организирање на слободното време, значи на база на неформална едукација, дружење, креирање, уметничко катче… Имаме и активности фокусирани на еколошки теми, работиме на подигање на свеста, промовирање на активното граѓанство кај младите со цел нели да имаме појако и поздраво општество.
Во професионалниот развој спаѓа и личниот развој на младите и до сега имаме двајца кариерни советници по „профил пас метода“. Тоа е метода од Германскиот институт за едукација на возрасни. Јас сум кариерен советник и за профил пас метода, но и сум сертифицирана од една сериозна компанија која се вика Impulse, заедно со уште една колешка, така што нудиме различни методи за различни возрасти, според различни типови на млади, во зависност од тоа во која група спаѓаат. Во тек е обуката за животни вештини и за вработливост на младите. Тоа е проект кој што го работи една од организациите, „Коректив“ која што го води центарот во соработка со СОС Детско село. На тој проект веќе имаме втора група на млади која ги помина обуките за животни вештини и вработливост, а покрај тие обуки имаме вклучено и индивидуални средби на кои се работи лично, посветено со младиот човек, индивидуално се обработуваат сите аспекти и се прави план за развој, за да допреме до крајната цел: личноста да биде вработена.
Младите кои успеале да се вработат преку овој проект на Креактив со СОС Детско село, до сега се пет. Со оглед на тоа дека проектот започна во мај и јуни месец 2024 година, тоа не е така лоша бројка. Преку нашите обуки поминале околу 25 млади луѓе и во тек е формирање на третата група за која очекуваме дека бројката ќе биде поголема од 35. Дел од младите кои ја поминале обуката веќе имаат најдено работа, дел се во фаза на барање.
Имаме и голема поддршка од локалните бизниси, постојано сме во контакт со нив. Соработуваме со општината и во моментот сме во процес на изработка на стратегија за млади за град Кавадарци, и тоа за прв пат во нашиот град. Во таа стратегија се опфатени детални истражувања за потребите на младите, од сите возрасни групи, за да може да се развива на повисоко ниво, а со тоа што имаме поддршката од општината, имаме поголеми можности за да успееме во нашата цел. Исто така во постојана соработка сме со невладините организации од цел регион, и пошироко, правиме и мини-размени на учесници во младинските центри, за да разменат идеи и активности.
Имаме млади кои што доаѓаат скоро секој ден во центарот, гледаат веќе дека сме тука само за нивна поддршка, па дури понекогаш и за совети што се и надвор од младинскиот центар. Во склоп на стандардите за младинска работа,си има граница до кај би можеле да даваме совети, а кога е надвор од нашиот домен ги насочуваме кој може да им помогне. Исто така се почесто се зборува за ментално здравје, гледаме да ги задоволиме потребите преку работилници за позитивно ментално здравје. Не е тоа психотерапија, но имаме и двајца психолози кои работат во центарот, имаме и често работилници од други аспекти, за време на летото, за позитивно гледање на телото, сега во моментот имаме акција, како „мини комјунити екшен“ (акција на мини-заедницата), водена од жени, за поддршка на менталното здравје на жените, на младите жени и како стереотипите за жените влијаат во нивното ментално здравје.
Иако општинскиот младински центар е основан од општината и е буџетиран од неа, тој е основан по посебен закон и го водат две невладини организации. Без разлика која политичка партија е на власт, Центарот мора да биде финансиран. Со самото тоа што го водат две невладини организации (КРЕАКТИВ и СППМД), ние сме целосно транспарентни и самите програми не потпаѓаат под политичко влијание, така што центарот е заштитен.
Кога зборуваме за креативност, важно е да се нагласи дека не е секогаш она што прво не асоцира: сликање, уметност… Креативноста подразбира и иновативно изнаоѓање на решение на различни проблеми, и не секогаш како такви. Некогаш се тоа размислувања настрана од границите на тоа што ни е дадено, значи настрана од рамката. Имаме една убава слика во центарот кај што пишува Think outside of the box (размислувај надвор од „кутијата“), и баш е потсетник на сите кои што доаѓаат, па дури и на нас вработените, дека секогаш можеби има некое решение или некој предлог што не ни е баш секогаш пред нос. Креативноста ја вметнуваме во сите можни активности во, но надвор од центарот. Имавме специфично креативно катче каде што се изработуваше накит, глинени предмети, секакви најразлични работи, што подоцна беа и донирани, собирани беа средства за донација, за поддршка на семејства кои што имаа потреба, за купување на новогодишни пакетчиња, на пример.
Искрено мислам дека во моментот, многу би ни значело кога младинскиот центар би бил повидлив. Кога би се залагале сите околу, кога би знаеле сите за младинскиот центар, какво место е, зашто постои, што всушност правиме и помагаме на младите. На тој начин ќе се вклучат повеќе млади, па тоа заедно со други важни фактори пи придонело да си останат дома. Преку активностите на Центарот да се задржат во градот, па и во државата.