ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.08.2025
Младинските натпревари арена за родителски амбиции и насилство

Само еден случај на насилство, инцидент на фудбалските терени, кога ќе добие поголем публицитет , отвара прашања за кои повеќе се молчи отколку што се говори. Инцидентот во Штип, на натпревар на деца од 15 години, кога родител на дете од гостинската екипа на Шкупи влегол на теренот н натепал две деца, играчи на домашната Брегалница, ги актуелизираше тие прашања.

Но, како и обично во Македонија, тие суштински прашања, важни за тоа како се однесуваме со нашите деца, како организираме спортски настани, како ги подготвуваме младите спортисти, како тренерите се однесуваат кон децата, како родителите се однесуваат кон тренерите….сето тоа остана во сенка на пренесувањето на акцентот на етничкиот момент, на подбуцнувањето на национализам, на пуштањето на старата плоча со истата песна за тоа чија е Македонија, кој сака да ја земе, кој да ја продаде – омилена тема на политичарите кои три и пол децении на крилјата токму на тие наративи си владеат , си делат, си профитираат.

Насилство на младинските натпревари имало во 75 случаи од почетокот на годината

Нормално, можеме ние во бескрај да коментираме дека „шиптар претепал две деца“, „што гледале другите родители, зошто не го истепале“, „така ни треба, дозволивме да прфават што сакаат“… Но што од тоа ќе добиеме? Ќе решиме ли некој проблем? И ќе се прашаме ли, што ако во ситуацијата играа на пример Брегалница и Вардар? Или Брегалница и Беласица? И некој родител од Струмица, дали Македонец, дали Влав, дали Србин…нападне деца на теренот?

Не дека не се случувало. Според објавените податоци од МВР, од почетокот на годинава досега, регистрирани се 75 случаи на насилство и недостојно однесување на младински спортски натпревари, за кои се поднесени 7 кривични пријави, а 15 лица биле повредени. „Насилство“, „спречување службео лице во вршење службени дејства“, „напад врз овластено службено лице при вршење службени дејствија“ и „насилство врз дете“ се дел од кривичните дела за кои се пдонесени пријави.

Значи, се случувало и досега.  Е сега, дали треба на пример, да правиме анализи, кои се напаѓачите, од која етничка припадност се, па да видиме, кој повеќе тепа. Нормално, за да го ставиме и ова во политичко партиско етнички и националистички контекст.

Вокабуларот на трибините скандалозен за натпревари на деца

Во меѓувреме, ретко ќе се прашуваме, како се однесуваат родителите на децата во спортските клубови? Како се обидуваат да ги реализираат своите амбиции за кариера  на нивните деца? Како често се ставаат во улога на тренери, на судии, а еве, и на насилници. На какви се начини се обидуваат да извршат притисок врз тренерите, за нивното дете да биде во состав, да биде привилегирано…. Каков е вокабуларот кој го употребуваат од трибините, често навредувајќи ги и сопствените, а и другите деца, наведувајќи ги да играат грубо, остро, да не го „жалат“ противникот. Неретко на трибините се и мајките на тие деца, кои си ги следат своите деца во спортскиот развој, и нормално, имаат што да се изнаслушаат.

Штетните наративи водат кон пораст на насилство

Другата тема која вреди да се размислува и дебатира секако е и работата во тие младински школи, на какво ниво е, колку таму децата се учат на фер плеј, колку на традиционалното за наши прилики „ дома играте, што им се плашите“, „ и дома ли ќе дозволите да ве тепаат“…

Има уште теми – како на пример какви се условите во кои работат младинските школи, колку плаќаат родителите, што добиваат децата за тоа што го плаќаат, колку се инвестира во нив, колку клубовите во иднина сметаат на нив, а колку на скапи играчи во странство…

Но, тие теми не се податливи за дневно политички пресметки, за креирање на сензитивни содржини кои ќе ги „палат“ дежурните ботови на социјалните мрежи, а преку нив и сите останати, кои се таргетирани од политичките партии како солидна база за „голтање“ на шарени лаги.

Лолита Спирова: Исхраната не е тренд, зад неа стои стручен и научно поткрепен пристап
Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија