ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
23.03.2026
Младите и поезијата се приказна што никој не ја очекуваше

Во време кога често се тврди дека младите сè помалку читаат, Јулијана Величковска, писателка, уредничка, преведувачка и организаторка на поетски фестивали, нуди поинаква перспектива. Таа е основач на „ПНВ Публикации“, коосновач и директор на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор на „Поетска ноќ во Велестово“, со богато авторско и преведувачко искуство зад себе.

Photo by: Фросина Насковиќ

„Од моето искуство како главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“ и организатор на „Скопскиот поетски фестивал“ и на „Поетската ноќ во Велестово“ можам да кажам дека интересот за читање и пишување поезија, како и за посетување поетски читања кај нас расте. А се чини дека тоа е така и во светски рамки. Неодамна, на „Дојче Веле“ имаше артикл за тоа како Рилке денес, точно
100 години по раѓањето, е најпопуларниот поет на TikTok и како хаштагот #rilke има над 128 илјади објави на Инстаграм. Неговите стихови стануваат нечии тетоважи (Лејди Гага има тетовирано негови стихови на раката), дел се од текстови на песни од музички бендови, од објави на календари или некролози, и стана најпопуларниот поет на генерацијата „Џен Зи“. Сето тоа ветува дека
поезијата е тука и така и ќе остане.“-истакнува Јулијана Величковска на прашањето како ја оценува навиката на младите денес кога станува збор за читање поезија ‒ дали расте интересот или опаѓа.

На прашањето колку младите воопшто посегнуваат по поетски книги во споредба со други книжевни видови жанрови според нејзиното искуство, Јулијана вели: “Ако сме реални и земеме предвид колкав е процентот на младите заинтересирани за книжевноста воопшто во земја со помалку од два милиона жители, иако прозата, особено романите, е најпопуларна за читање, би рекла дека имаме и стабилна читателска публика за поетски книги. Со бројните настани што ги организираме за младите, а и многуте настани што самите млади ги организираат (ќе ги споменам „Клинци“, „Поетска епизода“ и „Рекултура“ на „Култура Бета“, „Орцашката вечер на поезијата“ на учениците од скопската гимназија „Орце Николов“, „Имам нешто да ти кажам“ на „Културолошка иницијатива 5 до 12“ од Охрид) сметам дека имаме самосвесна генерација млади што чувствува глад за поетскиот израз и активно работи на пронаоѓањето сопствен автентичен поетски глас низ разните поетски опити со кои се претставуваат на читањата.”

За својата кариера во и надвор од Македонија, на прашањето дали забележува разлика во тоа колку младите читаат поезија кај нас и во странство, таа истакнува: “Да, сметам дека младите кај нас се многу поприсутни на поетската сцена. Ретко среќавам млади луѓе на поетските фестивали надвор, а кај нас, особено на Скопскиот поетски фестивал, токму младите се нашата најверна публика, но и учесници”.

Јулијана Величковска: „Да живееме во општество што чита книги“

“Поезијата е сеприсутна и со неа во контакт доаѓа секој што умее да ја види и да ја препознае, оти таа е и во графитите, таа е и на социјалните мрежи, се крие и во прозните книги, се крие и во секојдневието на животот.”-вели Јулијана Величковска.

На прашањето дали современите платформи (Instagram, TikTok) ѝ помагаат на поезијата да стигне до младите или ја поедноставуваат премногу, Јулијана одговори: “Платформите се само медиум, тие самите по себе немаат моќ да ја подобрат или да ја поедностават поезијата или уметноста воопшто. Секако дека ако сакаме на младите да им пренесеме некакви квалитетни содржини и да влијаеме на нивното градење како личности што ќе бидат консументи на уметност, треба да им ја донесеме таму каде што се тие – на социјалните мрежи, во кафулињата и сл., но и да ги намамиме да дојдат таму каде што е уметноста – во музеите, во библиотеките, книжарниците, галериите… Ако и квалитетната уметност е достапна за нив, изгледите дека ќе умеат да ги препознаат разликите меѓу неа и кичот и шундот со кој секојдневно се бомбардирани се поверојатни.

Говорејќи за тоа зошто младите сè повеќе се оттурнуваат од поезијата, Јулијана ја отвора темата за „војната за вниманието“ како еден од клучните проблеми денес: “Денес, покрај вистинските војни што, за жал, само се множат и растат, постои и една друга војна во мирнодопските услови, а тоа е војната за вниманието. За жал, нашиот образовен систем толку очајно има потреба од реформи, што сметам дека заедно со медиумите играат огромна улога во одземањето на вниманието на младите или во незадржување на нивното внимание на важни теми и соодветно пренесување знаење. Во училишните лектири се среќаваат книги со кои денешните генерации не можат да се поврзат, ниту го разбираат јазикот, ниту контекстот, а некои од нив се дури и доста спорни по однос на родовите прашања, насилството и сл. А, за жал, списоците за лектирни изданија се на милост и немилост на издавачките куќи што се фокусираат на профит (а не на квалитетни изданија) и на наставниците и професорите, што во голема мера се немотивирани да направат промена и да се заложат за подобро да им ја доближат книжевноста на децата. Вината ја носат и родителите што честопати на децата им купуваат книги и ги тераат да читаат без самите да бидат пример за тоа и да бидат видени од децата како и самите читаат, затоа што како мајка на 9-годишен син, можам да потврдам дека децата учат најпрво копирајќи ги своите родители, па дури потоа им влијае училиштето и средината. Медиумите ни се преполни со евтини ТВ-сапуници, некакви емисии на кои „ѕвезди“ се некои естрадни „уметници“ или преку ноќ „успешни“ ликови, не се внимава ниту на јазикот или на правоговорот, така што, за жал, се чини дека речиси сѐ влијае на тоа младите кај нас да бидат оттурнати и од поезијата и од литературата воопшто.”

100 години Ацо Шопов – аристократ на македонската литературна сцена

На прашањето, дали како автор свесно размислувате за младата публика кога пишувате, или поезијата треба да биде целосно независна од публиката, таа одговори: “Како автор, додека пишувам воопшто не размислувам за публиката. На публиката мислам дури во процес на уредувањето на книгата и тогаш се преиспитувам дали пораката што сакам да ја пренесам е доволно јасна за мојот„идеален читател“, и дали како автор во зрела доба можам да донесам нешто ново во изразот, за тоа да биде примено и од младите како ново и поинакво, како нешто што ќе им понуди инаква перцепција за поезијата и ќе ги поттикне и
самите да создаваат послободно и посамоуверено. Ако само пишуваме, можеме тоа да си го чуваме за себе „во фиока“ и напишаното да остане независно од публиката, ако веќе сме одлучиле напишаното да го објавиме во книга и да го споделиме со јавноста, тогаш таа книга им припаѓа на читателите и улогата на читателот во значењето и толкувањето на книгата е нешто што сериозно се
истражува и во теоријата на литературата, така што, не може да стане збор за целосна независност, тоа се коси со самата смисла на книжевноста, а тоа е да комуницира со читателите.”

Осврнувајќи се на темата Што би требало да се промени за поезијата повторно да стане поблиска и попривлечна за младите, таа одговара: “Многу нешта. Практично, да се сменат сите оние нешто што погоре ги споменав како проблем што води кон оддалечување на младите од уметноста во афирмативни искази и вистини. Да живееме во општество што чита книги
(печатени, аудиокниги или е-книги). Да имаме објективни и фер комисии при изборот на лектирни изданија, да имаме поквалитетен образовен систем, да имаме подобро платени, ценети и мотивирани наставници и професори по литература, да имаме простор за култура во традиционалните медиуми… утопија, знам… Ама, ако ништо повеќе, барем да се посетуваат книжевните настани –промоциите на книгите, поетските фестивали… сцената денес ни е навистина живната и се надевам дека публиката ќе ни станува сѐ побројна!”

За крај, пораката на Јулијана Величковска до младите е: “Дајте ѝ шанса на поезијата! (се смее) Младите само треба да бидат потсетени дека тие веќе сакаат поезија, наједноставен пример е преку текстовите на песните на нивните омилени музички групи, зашто поезијата е најумешната од книжевните видови за интеракција со другите книжевни видови (ја има и во прозата и во драмските текстови), но и во сите други уметности, покрај музиката, таа најлесно комуницира и со ликовната уметност и со филмот… Поезијата е тука за нас при најсилните емоции што ни се чини дека само ние ги чувствуваме, да ни покаже дека и некој друг пред нас бил осамен, тагувал, страдал или бил силно и неутешно вљубен, и успеал тоа да го долови со толку прецизни зборови небаре ги извлекол токму од нашите мисли, како да зборува токму за нашата приказна, за нашиот живот. Поезијата има толку неверојатно силна обединувачка моќ да нѐ поврзе како луѓе, да ни укаже колку сме слични и да нѐ направи поемпатични. За младите да ѝ дадат шанса на поезијата ни треба само шанса да им покажеме како да ја препознаваат, да им ја дадеме „алатката“ со која ќе можат да ја видат поезијата во сите нејзини облици, а штом тоа ќе се случи, сигурна сум дека никогаш нема да престанат да ја читаат. “

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?