ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
06.09.2024
„Младите можат“: Младите се соочуваат со стрес, анксиозност и булинг – потребни се решенија
Автор: Goce Author

Граѓанската организација „Младите можат“ ја започнува кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“, чија основна цел е зголемување на свесноста и информираноста за важноста на менталното здравје кај младите на возраст од 14 до 18 години.

„Целта е да понудиме конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат учениците, но и да им порачаме дека треба отворено да зборуваат за стресот, анксиозноста, меѓуврсничкото насилство, градењето доверба. Исто така, важно нѝ е да помогнеме средните училишта да прераснат во инклузивни средини кои се подготвени во секој момент да им понудат поддршка на учениците во насока на поттикнување грижа за себе, своето ментално здравје и благосостојба“, вели Филип Ивковски, програмски координатор во „Младите можат“.

Како што информираат оттаму, кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ ќе се фокусира на визијата на средношколците за својата училишна средина и атмосфера односно како треба да изгледа едно училиште кое се грижи за менталното здравје и благосостојба на учениците. Крајната цел е да се поттикат надлежните институции да инкоприраат образование за ментално здравје во рамки на училишните програми, со што ќе се направи важен и позитивен исчекор во однос на ова прашање.

Во рамки на кампањата ќе биде објавен и повик за средни училишта кои се заинтересирани да бидат дел од процесот на трансфомирање воден од „Младите можат“, чија крајна цел е тие да воведат практики за грижа за менталното здравје на своите ученици.

Оваа иницијатива е дел од континуираната посветеност на „Младите можат“ за подобрување на условите за младите и создавање позитивна и поддржувачка образовна средина. Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Практикувај демократија“ на Фондацијата за демократија на Вестминстер, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

 

Балканска олимпијада по информатика од 20-26 септември во Охрид
„Студентски отпор“ реагира на новите повисоки трошоци за студирање