Младите си заминуваат од Македонија, а мерките кои се преземаат за да се задржат не се целосни. Општеството се менува многу брзо и институциите и државата треба да реагираат уште побрзо за да ги задржат младите.
„Можеме слободно да констатираме дека дел од професиите на иднината, „благодарение“ на пандемијата преку ноќ станаа професии на сегашноста“, започнува резимето за политики (policy brief) на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи – ИДУЕП посветен на иднината на професиите.
Истражување: Образованието во Македонија е дел од проблемот и дел од решението за иселувањето
Резимето забележува неколку клучни работи со кои може да се адресира миграцијата на работна сила од државата, а предложените решенија треба да се земат сериозно и да бидат повод за надминување на проблемите, но и креирање подлабоки истражувања со цел поверодостоен пристап кон справување со овој проблем.
Врз основа на претходно направени истражувања, резимето за политики како дел од проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ на ИДУЕП, содржи низа препораки за подобрување на состојбата со пазарот на трудот, со цел да се детектираат и имплементираат конкретни активности за да се задоволат потребите на младите. Самиот документ поаѓа од неколку детектирани состојби:
Невработеноста од 2017-та до денес се преполовила, од 52,3 проценти на 28,3, но тоа не го промени фактот дека многу млади се на прагот на сиромаштија.
Истражување: Се намалува интересот за странство, но сѐ уште половина од младите сакаат да се иселат
Дополнително, со наглите промени кои се случија за време на Ковид 19 кризата, се создаде празен простор кој треба да се исполни со, од една страна, прилагодување на образованието, отворање на можности за надградба и преквалификација и подобра соработка меѓу претпријатијата и образовните институции и, од друга страна, прилагодување на условите за работа на интересот на младите од аспект на работна средина, измена на закон и даночни олеснувања.
Младите ги мотивира работењето кое не е врзано за едно место, и тие бараат флексибилно работно време, а данокот за т.н „фриленсери“ да се сведе на 0 проценти, како што беше ветено од страна на Владата за 2023 година, со оглед на зголемениот интерес кај младите за работа од дома, односно работно место кое не е поврзано со физичка канцеларија и биро.
Овие неколку аспекти се од голем интерес на младите. Преку дополнување на Законот за работни односи ќе се овозможи флексибилното работно време да се озакони и да се регулира работата од дома, но од досегашните најави во дополнувањата на Законот засега ќе се најде само флексибилното работно време.
Долгорочната невработеност, покрај низата проблеми кои може да ги создаде кај младите, придонесува за губење на вештините и знаењата. Колку подолго младиот човек е надвор од работниот процес, толку повеќе го губи искуството, вештините и знаењата што ги стекнал, а мотивацијата се намалува од ден на ден.
Невработеноста создава големи проблеми за младиот човек, како што е намалување на продуктивноста, нешто што беше констатирано со Истражувањето на младински трендови, а уште позагрижувачки е што знаењата и вештините како да испаруваат од младиот човек кога тој долго време е неактивен од аспект на работен ангажман.
Од Македонија ги иселило безнадежноста и системските недостатоци – дали може нешто да ги врати?
Истражувањето на ИДУЕП констатира уште една работа која веќе е општо позната меѓу младите и граѓаните. Тоа се условите за работа, околностите на работното место и се’ она што влијае на работниот ден на младиот човек. Немањето работно место и приход не секогаш се единствените причини за иселување.
Недоволно развиениот здравствен систем, корупцијата и (не)заштитувањето на животната средина, како што наведува истражувањето на ИДУЕП, се дел од областите кои директно влијаат младите да размислуваат за заминување од државата. Така што, пристапот во решавањето на проблемот на иселување треба да е многу поширок од самата економска ситуација.
Благодарение на наведените истражување и добиените податоци Владата сега има широк спектар на информации во понатамошните планирања за адресирање на проблемот на миграција. Владата треба да продолжи и со посебни истражувања за младите, а извлечените заклучоци да ги применува во пракса уште веднаш.
Ако на овие податоци, наоди и препораки од проектот на ИДУЕП ги додадеме констатациите на резимето на Младински сојуз – Крушево „Одржливи механизми за учество на младите: Младите надвор од политиките за млади!“, ќе добиеме една посеопфатна слика како и од каде може да се започне со решавање на овој проблем.
Ова резиме на организацијата Младински сојуз – Крушево е исто така веродостојно затоа што ги зема предвид официјалните податоци од државата, користи податоци од сопствено истражување и во функција го става своето 24-годишно искуство во работа со млади.
Недоверба во институциите, недоволна вклученост, немањето слух за барањата на младите од институциите и ставање на младите во втор план при планирањето. Консултирањето на младите не е стратешки испланирано и ретко се спроведува, а во справувањето со последиците од Ковид 19 пандемијата младите се заборавени.
Ова се дел од констатациите на организацијата која напоменува дека се’ уште не се достапни доволно податоци за младите, односно истражувањата посветени на младите не се разделени од останатите. Младински сојуз – Крушево потенцира и одредени позитивни текови како што се намалувањето на долгорочната невработеност за 6 отсто и напредокот кај економското учество на младите.
Воведување флексибилно работно време, озаконување и укинување на данокот на дохот на „фриленсерите“, спроведување процес на преквалификација, дополнителна стимулација за отворање и интензивна комуникација помеѓу образовниот сектор, пазарот на труд, младинските организации и државата се добар почеток за излегување во пресрет на младите и нивните потреби.
Институциите на државно и локално ниво да овозможат поголемо вклучување на младите во своето работење, и зголемување на инвестициите во образованието.
Ако сакаме намалување на иселувањето на младите, мора да се посвети посебно внимание на градење соодветни политики и партнерства помеѓу јавниот и приватниот сектор кои ќе им го олеснат, а не отежнат животот во Македонија.
Автор: СОТИР ГАБЕЛОСКИ
(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)