
Младите сакаат повискои плати, но и флексибилно работно време, можност за работа од далечина… Тоа се дел од споделените мислења на првата од серијата дебати на тема „Што сакаат младите“.
Неусогласеност помеѓу образовниот систем и потребите на пазарот на работна сила се најголем проблем проблем за вклучување на младите на пазарот на трудот, беше посочено на денешната дебата „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, во организација на ИДУЕП и Младинскиот сојуз.
На дебатата младите и работодавачите како проблеми ги посочиле и флексибилното работно време, можност за работа од далечина. Повисоки финансиски примања, можност за ориентираност кон резултати наспроти оние формални правила кои што се специфични за еден друг систем. Беше посочено дека во одредени професии има недостаток на кадри на, како што се ИТ секторот, пекари, заварувачи…
Методија Стојчевски од Младински сојуз истакна дека најголем проблем е тоа што недоволно се ценат обични професии (механичари, заварувачи, пекари).
– Младите луѓе полесно се определуваат за некоја друга професија. Може да е и помалку платена наспроти тие професии што се во моментот добро платени меѓутоа немаат таков општествен статус. Треба да се врати дигнитетот на тие мали професии, рече Стојчевски.
Искуствата на бизнис секторот говорат дека има недостаток на квалификуван кадар. На пример ИТ индустријата има проблем што голем дел од програмерите заминуваат во странство и работат за странски компании. Во ИТ секторот платите за јуниори се движат од 500-600 евра, а на сениори до пет илјади евра.
„Работникот во земјава се задржува со добра плата, со добра визија на компанијата. Сеакако важно е и флексибилно работно време, приватен пензиски фонд и здравствено осигурување,нови уреди и опрема“ – изјави Иван Ивановски, сопственик на ИТ компанија.
Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколски, оцени дека образовниот систем е еден од најголемите проблеми за вклучување на младите на пазарот на труд.
– Македонскиот образовен систем не продуцира кадри со знаење и вештини потребни да се ставаат на работното место. Ова прави проблем за работодавачите.Тие треба да инвестираат во обука на кадарот и треба да ги учат, а веќе доаѓаат со некаква диплома што треба тоа да го гарантира. Затоа е потребна реформа и на средното образование, меѓутоа и на факултетското образование. Во стручните училишта одат луѓето за да се остручат за некаква професија и затоа треба поголема вклученост на пазарот на труд на работодавачите. Во новата концепција во која што учествуваше Сојузот, ова се промовира и во самата стручна матура. Меѓутоа упатувам јавен апел да се работи на имплементација на истата, а не да биде само документ што се стои во фиока, рече Павиќевиќ.
Дебата беше првата од серијата јавни настани на тема „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.