ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
20.05.2025
Младите се уште чекаат целосна помош: Недостиг од персонал ја кочи рехабилитацијата во Кочани
Автор: Goce Author

По трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во Кочани, во кој беа повредени и многу млади лица, здравствениот систем се соочува со сериозни предизвици. Денеска пристигнаа специјалисти од Скопје за да ја евалуираат здравствената состојба на повредените и да утврдат понатамошен план за лекување.

Фото: МИА.МК

Eкипите од повеќе клиники, вклучувајќи ја и КАРИЛ, Клиниката за пластична хирургија и ГОБ „8 Септември“, ќе вршат проценка на повредите, вклучувајќи потреби за операција, рехабилитација и психолошка поддршка. Повикот од Фондот за здравство останува отворен – повредените треба да се јават до крајот на неделата во болницата во Кочани за да бидат вклучени во процесот.

Најголем проблем останува недостигот од медицински сестри и рехабилитациски кадар. Директорката на болницата, Кристина Серафимова, вели дека персоналот е исцрпен и оти се потребни нови тимови за да се обезбеди континуирана грижа.

„Младите пациенти, но и здравствените работници, имаат потреба од психолошка помош, но тоа сè уште е табу тема“, предупредува Серафимова. Таа апелира до младите да не се плашат да побараат поддршка – менталното здравје е исто толку важно како и физичкото.

Во болницата наскоро ќе се стави во функција и хипербарна комора, но нејзината употреба зависи од завршување на специјализирана обука за двајца здравствени работници.

Во моментов, 40 лица се на физикална терапија, а уште 70 повредени дневно доаѓаат на преврски – главно млади луѓе со изгореници. Ваквите бројки покажуваат колку е потребна брза и ефикасна акција, особено кога младите се во прашање.

„Очи на Шопов“ започна во Штип
Универзитетските медиуми на УГД влегуваат во нова дигитална ера