
Финансиска писменост, всушност означува способност ефикасно да се менаџира со парите, да се предвидат ризиците и да се донесат разумни одлуки.
Во модерното денешно општество, добата на дигитализација и новите работни позиции кои се нудат на пазарот, спротивни на традиционалната работа, финансиската писменост кај младите, како и поимот за финансии зазема нов размер. Младите се со сѐ поголем интерес за едукација за финансиската писменост, а истата ја остваруваат преку формално образование, но и преку неформалното. Финансиските работилници, онлајн курсеви, вебинари, подкасти , се некои од начините на неформално образование кои се достапни за младите.
„ Иако неформалното образование од областа на финансиите е присутно кај речиси секоја млада личност (директно или индиректно), сепак формалното образование, се смета за најдобар извор на научно засновани информации за финансиите. Според истражување спроведено од Организацијата за Економска соработка и развој (OECD), финансиската писменост и позитивното финансиско однесување се поврзани. Младите кои имаат подобри вештини за финансиска писменост се однесуваат финансиски поодговорно и се попрогресивни и финансиски проактивни. Оние кои имаат високи перформанси во финансиската писменост имаат 72% поголема веројатност да заштедат пари од оние со ниски перформанси и 50% поголеми шанси да ги споредат цените пред да купат нешто.“, вели Асс. д-р Мила Митрева при Економски факултет на Универзитет „Гоце Делчев“-Штип.
Недостатокот на финансиска писменост , често води и до прогресивни грешки кај младите. Неправилна распределба на финансиските средства, импулсивните финансиски одлуки и трошењето повеќе од можностите и непланираните задолжувања се едни од најчестите грешки кај младите според д-р Митрева.
„Правилото 50/30/20 е популарна стратегија која се однесува на распределба на приходите на 50% за основни потреби, 30% за активности кои не се неопходни, но го подобруваат квалитетот на живот, и 20% за заштеда и отплата на долгови. Друга стратегија која се препорачува е 24-часовно правило, што се однесува на чекање 24 часа пред да се направи некое поголемо купување. Дополнително, „плати си прво себеси“ стратегија се однесува на префрлање на одредена сума на штедна сметка веднаш по примањето на плата. Минималистичкиот пристап во трошењето е исто така многу важен и се однесува на елиминирање на непотребните трошоци, меѓутоа, за да се има долгорочен ефект, потребно е да се постават одредени финансиски цели бидејќи преку поставување на мерливи цели се остваруваат поефикасни резултати.“, вели д-р Митрева.
За среќа, дигиталната ера нуди и поволни работни позиции за младите. Многу од популарните побарувачки на пазарот се во областа на е-трговија, маркетинг, здраство, сајбер-безбедност. Дигиталните платформи овозможуваат полесно наоѓање на работа за младите и поголема флексибилност.
Принципот на Фриленс работа е еден од најатрактивните за младите поради големата достапност и можноста за менаџирање. Но, како и секоја работна позиција , така и оваа има свои предности и негативности.
„Како главни предности на фриленс работењето се флексибилното работно време, можноста секој сам да си ја одбере локацијата на работа, можност за остварување поголеми приходи, избор на работа која најдобро соодветствува на вештините, побрз начин на стекнување на работни вештини и искуство. Од друга страна, ваквиот начин на работа нема социјални и здравствени бенефиции. Поради големата конкуренција и нестабилноста во работните активности може да се зголеми. Потребата од самодисциплина и самокритичност се многу важни, бидејќи во фриленс работата често пати активностите се извршуваат без менторирање и надзор. Овој начин на работа се смета и поризичен во споредба со традиционалната работа и во некои ситуации може да се резултира со потешкотии во наплатата. Доколку фриленс работата се сумира во неколку зборови, тоа би биле: самостојност, дисциплина, слобода, флексибилност, несигурност и можности.“, вели д-р Митрева.