
Осамостојувањето на младите, „напуштањето“ на сигурниот семеен дом и поддршката од мама и тато, во Македонија се случува после триесеттата година.
Во Македонија, осамостојувањето сè почесто значи — по триесеттата.
Новите податоци покажуваат дека младите во земјата многу потешко и подоцна се одвојуваат од родителите во споредба со остатокот од Европа.

Според Евростат, просечната возраст на напуштање на родителскиот дом во Македонија е 32,1 година. За споредба, младите во Европската Унија заминуваат од дома во просек на 26 години.
Истражувањата покажуваат дека над 70% од младите (18–34 години) живеат со своите родители. Кај групата 25–34 години, повеќе од 60% сè уште не се осамостојени. Тинејџерите (15–19), очекувано дури 96% живеат дома.
Причини: економија, станбена криза и традиција
Ниските плати, скапите станови и тешкиот пристап до кредит го прават самостојниот живот речиси невозможен за многу млади.
Освен економските пречки, тука се и традиционалните семејни навики – заедничкото живеење се смета за нормално сè додека не се склучи брак.
„Практичните и финансиските причини се најчести – младите би сакале да се осамостојат, но реалноста им ја ограничува таа можност“, стои во извештајот на HTO Housing Report (2021).
Слична е ситуацијата и во соседството.
Младите во Србија, Хрватска, Бугарија и Албанија се осамостојуваат помеѓу 30 и 33 години, што ги става земјите од Балканот на врвот на европската листа по доцно заминување од родителскиот дом.
На спротивниот крај се Шведска, Данска и Финска, каде младите заминуваат од дома уште на 20–22 години.
Подолгото живеење со родителите носи свои последици – одложено формирање на семејство, ограничена финансиска независност, намалена мобилност и лична иницијатива…
Иако пазарот на труд се менува, возраста на осамостојување останува речиси непроменета. Македонија и натаму е меѓу европските држави со најдоцно осамостојување на младите.