
МОН објави повик за субвенциониран студентски оброк за академската 2023/2024 година, кој ќе биде со дневен износ од 140 денари. За тековните студенти рокот за пријавување е од денеска до 10 август 2023, а за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување е од 1 до 7 октомври 2023. Студентите што ќе стекнат право на субвенциониран оброк ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка.
Право на субвенциониран оброк имаат редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, кои не се во редовен работен однос; не се регистрирани како индивидуални земјоделци и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во државава за тековната година.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од МОН за купување приготвена храна. Корисникот има право на оваа услуга од понеделник до сабота и доколку во тој период не го искористат правото на субвенционирање студентски оброк, износот од субвенцијата не му се префрла во наредниот ден. Субвенциониран студентски оброк не може да се користи од 1 јули до 1 октомври во годината во која корисникот го стекнал тоа право, како и за време на државни празници и неработни денови.
Кандидатите треба да се пријават електронски на линкот: https://e-uslugi.mon.gov.mk
Во јавниот повик е наведено дека МОН склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје за реализација на исплатите за субвенциониран студентски оброк така што сите студенти кои ќе се стекнат со ова право ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање посебна сметка, поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, независно од тоа дали претходно биле клиенти на оваа банка. За отворањето на сметката и издавањето на платежната картичка студентот нема да има трошоци.
-Студентот ќе може да ги троши средствата наменети за субвенциониран студентски оброк кај даватели на субвенциониран студентски оброк, кои се правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна единствено преку картичката на Шпаркасе банка АД Скопје. Доколку студентот не ја подигне навремено картичката или воопшто не ја подигне картичката, нема да може да ги искористи средствата на ниту еден друг начин. Рокот и начинот на подигање на картичките ќе биде дополнително објавен од Министерството и Шпаркасе банка, појаснува МОН во објавениот повик.
За сите прашања поврзани со пријавувањето на корисниците за субвенциониран студентски оброк, Министерството за образование и наука обезбеди поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард, на контактот: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.
Извор: МИА