Една од мајките, за разлика од другите револтирани родители, опширно објаснува зошто овие теми во 21 век не трeба да бидат табу: „Видете, во некои држави, девојчињата се срамат да си купат влошки. Менструацијата е табу-тема, замислете! Се чудите, претпоставувам. Си викате, добро е, ние сме понапредни. Ама како што вие размислувате за мастурбацијата и за хомосексуалноста, ним, исто така, им се чини темата за менструацијата, нешто срамно, а нам нормално.“
„Јас, 33 години предавав биологија во 8 и во 9 одделение, па морав да ги избирам зборовите кога учевме за репродуктивни органи и полово размножување, а сега во прво одделение учат сѐ, па и за секс… а од родителите ретко некој да реагира, сите грчат рамења, па тоа е велат, што можеме ние, така одлучиле, ејјј да не верува човек што слуша“, пишува загрижен наставник под статус објавен на Фејсбук на претседателка на граѓанско здружение со наслов „Мастурбација и хомосексуалност во наставните материјали“.
Статусот е објавен на 2 септември годинава, со порака од авторката, во која родителите на учениците се предупредени дека децата уште од мали нозе ќе учат за секс, што е страшно и незамисливо. На тој начин, тие влијаеле врз учениците да почнат со секс наместо да ги учат попаметни работи.
„Читајте сѐ, не само подвлеченото“. Виралноста на статусот директно му ја обезбедиле 385 читатели, кои, освен што оставиле трага преку добропознатите фејсбук-алатки за поддршка на авторката, дури и 175 пати го споделиле.
Тука и почнува официјалната приказна, односно воведувањето сексуално образование во училиштата е една од најдискутираните теми во земјава, каде што до неодамна и зборот „секс“ се сметаше за табу-тема. Адолесценцијата е период во животот на младите, каде што тие поминуваат низ личен и емотивен развој, па на некој начин треба да им се помогне за да се насочат.
Со воведувањето сексуално образование во училиштата, во Северна Македонија почнаа да се шират низа дезинформации, кои имаат за цел да ги доведат родителите и учениците во заблуда за потребата од вакво образование во воспитно-образовните установи. Дополнително, и младите неретко не се сигурни дали некое тврдење што го слушнале или прочитале некаде, а кое е поврзано со сексот или со личните односи со другите лица и околината, е вистина или мит.
Сепак, тоа дополнително го предизвикува гневот кај родителите.
„Мора да се преземе нешто под итно, секој нормален човек треба да ја поддржи борбата за децата и иднината, ќе нѐ колнат еден ден ако молчиме“. Мора да се организираме поактивно… ако не се бориме за децата, зошто ни е животов…“. „Мора организирана акција на сите! Ова не смее да помине! Мора да ги спасиме децата од ова зло!“, „Не 10.000 и 1.000.000 ако треба против овие, а и приватни тужби треба да им поднесеме, вели една револтирана мајка.
Само една читателка коментира и се обидува да го соопшти нејзиниот став, сосема различен од другите над педесетина, во кој, како мајка на петгодишно дете, им потврдува дека ќе успееле во намерата да соберат и многу повеќе потписи за кои смета дека биле резултат на немоќта да ја разберат суштината.
„Што е погрешно во тоа да не им се доделуваат родово стереотипни улоги на децата? Тоа значи дека не готват само женските, туку и машките, не коваат шајки само машките, туку и женските. На тоа се мисли. При формирањето на групите, да се обезбеди баланс во однос на полот. Што значи, групата да е составена од приближно ист број момчиња и девојчиња. Интеркултурализам еднакво на спојување култури, мешање. Етика еднакво на наука за моралот. Родово и етички/културно сензитивни, се мисли на сето она што го оптоварува нашето секојдневие, и од тие примери, децата да научат како треба рамноправно да се третираат меѓусебно, реагира мајката.
Во однос на табу-темите. Ако се табу-теми, мора ли да останат табу засекогаш? Тоа што некому му е срам да зборува за нешто, дали значи и дека не треба да се знае? Треба ли децата кога во реалноста ќе се соочат со сè што е наведено, да немаат поим што е тоа? Затоа што сето тоа е дел од човечката природа. Ако знаат што е хетеросексуалност и хомосексуалност е лошо? Ќе затвораме очи дека хомосексуалци не постојат, дека тоа е појава на 21-от век? Или дека авторите на програмата го измислија поимот?“
Таа уште додава:
„Видете, во некои држави, девојчињата се срамат да си купат влошки. Менструацијата е табу-тема, замислете! Се чудите, претпоставувам. Си викате, добро е, ние понапредни сме. Ама како што вие размислувате за мастурбацијата и хомосексуалноста, ним, исто така, им се чини темата за менструацијата, нешто срамно, а нам нормално.“
(https://www.facebook.com/gordana.godjo/posts/10218225140858467)
Поточно сите коментари во кои читателките и читателите изразуваат револт се насочени кон Сеопфатното сексуално образование (ССО) да биде дел од наставната програма во основните и во средните училишта во државата, кое од 2009 година го застапува ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и застапување. ХЕРА се залага сексуалното и репродуктивно здравје и права да не бидат табу, како дома, така и во училиште.
„Во нашето формално образование, само 13 проценти од учениците учеле за кондом, а едвај 2 проценти за орална контрацепција. Најчестата причина за лошата здравствена состојба кај младите е неинформираноста, особено за нивното сексуално и репродуктивно здравје. Училиштето е клучно за развојот и информирањето на младите, а со тоа и вистинското место каде што тие треба да научат како да се грижат за своето здравје. Недостигот од соодветни информации е една од главните причини и за дискриминацијата, насилството, омразата и силеџиство во училишната средина“, ова се резултати од истражувањето на ХЕРА.
Во спроведено истражување за можностите за информираност на учениците од областа на репродуктивното здравје и неговата заштита во училиштата, податоците говорат за голем број теми, кои се малку или воопшто не се обработени, а меѓу нив и првиот сексуален однос, употребата на контрацепција, заштитата од сексуална злоупотреба и хетеросексуалните, хомосексуалните и бисексуалните односи.
Откако ја создаде веб-страницата, за љубовта не треба да се зборува само по часови. Во 2011 година усвоена е и Рамка за сеопфатно сексуално образование по што ХЕРА изготви и Прирачник за наставници во основните училишта за теми од СРЗП. Бидејќи препораката за пилотирање на Сеопфатното сексуално образование во училиштата остана само на хартија, оваа Асоцијација, заедно со уште 47 граѓански организации, потпишаа Декларација за сеопфатно сексуално образование, а во предизборието во 2016 година, 10 политички партии ветија поддршка во унапредувањето на овие теми во формалното образование.
За да се обезбедат одговори на прашањата што им поминуваат на младите низ глава, во 2015 година развиена е и програма за неформално Сеопфатно сексуално образование составено од седум компоненти: род, сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, СПИ и контрацепција), граѓански аспекти, задоволство, врски и односи, насилство и различност. Програмата ја спроведуваат акредитирани врснички едукатори, кои заедно со своите врсници учат сè што треба да се знае за Сеопфатното сексуално образование „од А до Ш“.
Во 2018 година формирана беше работна група во Бирото за развој на образованието за подготовка на модели за пилотирање на ССО во формалното образование. По одлуката на Владата на РСМ за пилотирање на Сеопфатното сексуално образование како изборен предмет во четири основни училишта, во 9-то одделение, во декември 2019 година, заедно со Бирото за развој на образованието, обучени се и првите 15 наставници, кои од септември 2021 година, беше планирано да го пилотираат ССО во нивните училишта, кога беше подигната и првата веб-страница за Сеопфатно сексуално образование во државата.
Автор на текстот: Убавка Јаневска
Текстот оригинално е објавен на платформата Јасно.мк, а целосниот текст може да се најде на следниот линк.