
Да, вистина е дека Атнтартикот го зголемува нивото на мраз и тоа е добра вест, но дали тоа поедноставнено значи дека глобалното затоплување е „лажна теорија“? Веројатно не. За да се разбере сложен феномен, како климатските промени, работите мора да се стават во контекст, а не да се гледа само една поединечно селектирана информација.
Според нова кинеска научна студија, Антарктичкиот лед (особено во Источен Антарктик) покажал привремено зголемување на масата во периодот 2021–2023 година. Причината? Зголемени снежни лавини кои довеле до тоа ледениот масив да се зголеми за околу 108 гигатони годишно.
Истражувањето користело податоци од сателитите GRACE и GRACE-FO, кои со помош на гравитациски мерења ги следат промените во масата на ледените површини.

НЕ. Иако оваа информација може да делува збунувачки, науката ја објаснува како нормално варирање во рамките на климатскиот систем.
Климатските промени не значат дека секоја година ќе биде постојано потопла или дека сите ледници само ќе се топат. Во некои периоди и региони, може да има зголемување на ледот поради повисока влажност и снежни врнежи — што, всушност, е дел од пошироките климатски нарушувања предизвикани од затоплувањето.
И покрај овој привремен раст, вкупната загуба на лед на глобално ниво останува алармантна. Западен Антарктик и Гренланд продолжуваат да губат маса со забрзано темпо.
Веќе можат да се најдат на социјалните мрежи и YouTube видеа кои оваа студија ја користат како „доказ“ дека климатската криза не постои. Таквите интерпретации се дезинформација.
Еден факт надвор од контекст може лесно да стане лажна вест ако се претстави на сензационалистички начин или со политичка агенда.
Во ера на TikTok, Instagram и YouTube, информациите патуваат брзо – но не секогаш точно. Младите мора да развијат медиумска писменост – способност да ги проверуваат изворите, да препознаваат научен консензус и да прават разлика меѓу наука и теорија на заговор.
Климатските промени се реални и потврдени од речиси сите реномирани научни институции. Една студија со специфичен резултат не го негира поширокиот тренд, туку само го комплицира и го прави поинтересен за истражување.
Да, Антарктикот доби лед во последниве години, но тоа не значи дека климатската криза е завршена. Токму спротивното – оваа појава покажува колку е комплексен климатскиот систем и колку е важно критички да размислуваме и проверуваме информации.