ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
18.12.2024
Мрежата за заштита од дискриминација со реакција за измените во образовните закони: Измените се закана за правата на децата и ЛГБТИ младите
Автор: Goce Author

Мрежата за заштита од дискриминација, во допис до медиумите, изрази сериозна загриженост за предложените измени на Законот за основно образование и новиот Закон за средно образование, изготвени од Министерството за образование и наука (МОН). Според Мрежата, овие измени претставуваат директна закана за правата на децата, особено на ЛГБТИ младите и другите маргинализирани групи.

Во предлог-законите, кои веќе ја поминаа првата фаза во Собранието, МОН ги отстрани основите „сексуална ориентација“, „род“ и „родов идентитет“ како основи за заштита од дискриминација, се вели во реакцијата.  Ова е во директна спротивност со одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој ги препознава овие категории. Мрежата предупредува дека исклучувањето на овие основи ќе резултира со зголемено насилство и исклучување на ЛГБТИ децата, оставајќи ги без соодветна правна заштита.

Мрежата истакнува дека процесот на донесување на овие измени бил нетранспарентен, без вклучување на стручната јавност и без јавна расправа. Иако текстот на измените бил достапен преку платформата ЕНЕР, клучните промени биле направени по истекот на рокот за коментари, со што биле оневозможени консултации со експерти и граѓанскиот сектор.

Загрозена безбедност на ЛГБТИ децата

Истражувањата покажуваат дека ЛГБТИ децата се изложени на четири пати поголем ризик од малтретирање во училиштата, со зголемен тренд на сајбер насилство и психолошки последици. Речиси 30% од овие деца три пати почесто стануваат жртви на сајбер насилство, а 15-годишниците со хомосексуална или бисексуална ориентација имаат зголемен ризик од сериозни психосоматски проблеми и самоубиствени мисли.

Мрежата бара итно повлекување на предложените законски измени и отворање транспарентна јавна дискусија со вклучување на експерти и граѓански организации. „Животите и безбедноста на сите ученици, вклучително и на ЛГБТИ децата, мора да бидат подеднакво ценети,“ апелираат од Мрежата.

 

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?