
Новогодишните празници носат празнична еуфорија, која оваа година и покрај пандемијата со Ковид 19 се чувствува повеќе отколку лани. Сепак, ова е период кој заедно со периодот на годишни одмори, носи и ризици од кражби, кои се поголеми во време на доминација на социјалните мрежи. Нашите навики за објавување на фотографии од местата во кои летуваме, или во случајов ја дочекуваме Новата година, им даваат на крадците корисни податоци за домовите во кои нема никој во одреден период. Поради тоа, Министерството за внатрешни работи и годинава потсетува на внимателност од страна на граѓаните, и апелира да се избегнува поставување фотографии на социјалните медиуми бидејќи тие се вистински извор на информации за крадците каде може слободно да оперираат.
-Ние како МВР секоја година во ова време и пред летните одмори кога граѓаните ги напуштаат своите домови, апелираме за внимателност, затоа што покрај мерките што ги презема МВР и граѓаните треба да ги преземат мерките од нивна надлежност, за да можат да си ги заштитат домот и имотот. Апелот е доколку луѓето не слават дома, да не се постираат фотографии од местото на настанот кај што се, затоа што на тој начин преку социјалните мрежи им давате сигнал на оние кои имаат криминални намери, вели Тони Ангеловски за емисијата Утрински брифинг.