
5 Декември се одбележува како Интернационален ден на волонтерството. Целта на овој ден е да се оддаде почит на сите волонтери кои придонесуваат во општеството, но и да се промовира кампања за да се поттикнат и другите да заземат активно учество во заедницата. За бенефитите и значењето на волонтерството нешто повеќе ни кажа Драгана- Дина Митровиќ од Младинскиот клуб Штип, која активно се занимава со деца и млади веќе дваесетина години.
“Да се биде волонтер е – според мене – начин на живот. Така се возвраќа и допринесува во својата заедница, е начин како да се помогне и да се биде корисен… Секој може да помогне, секој има некои вештини и знаења кои може да се стават на располагање, а секако секој може да најде време кога сака. Прекрасно е чувството кога го работиш тоа што го сакаш, а преку волонтирањето тоа е овозможено! Јас, на пример, сакам да работам со и за децата и младите, некој друг сака да помогне на лицата со нетипичен развој, се грижи за работниците и нивните права, за лица со ретки болести, за бездомници, за зависници, за животните…”, вели Митровиќ.

Драгана – Дина Митровиќ
Според Митровиќ, младите пројавуваат заинтересираност за волонтирање, но не се доволно информирани за можностите и процесот на волонтирање. Таа смета дека можеби и недоволно спроведената кампања и едукација е причина зошто на нашите простори нема доволно волонтери.
“Преку он-лајн анкетата, дознав дека само 16,9% од анкетираните волонтирале во текот на последните 3 години, и, исто така, најголем дел од тие кои волонтирале – волонтирале повеќе пати, а повеќе од половината волонтираат повеќе години во континуитет, и при тоа, посветуваат просечно по 4,5 часа седмично за волонтирање. Од оние кои не волонтирале претходно (кои го претставуваат мнозинството /83,1%/ од испитаниците, т.е. 49 испитаници), само 3 (тројца) рекле дека не би сакале да волонтираат во иднина, додека 27 одговориле со „да“, а 19 рекле „можеби/не знам“. А, зошто не волонтирале? – Затоа што:
– „никој не ме поканил/повикал“ (23 одговори)
– „не сум размислувал/-а за тоа воопшто“ (13 одговори)
– „сакам, но не знам каде може да волонтирам“ (10)
– „не сум имал/-а желба“ (5)
– „немам време“ (3)”
Волонтер може да се биде и од најмала возраст, секако со дозвола на родител или старател. Најчесто кај нас во краткорочни волонтерски ангажмани најмалите учесници биле 6-то или 7-мо одделение. Па доколку можат и деца на 12 годишна возраст да бидат мотивирани да помогнат на заедницата, што е она кое нѐ спречува нас постарите? Како може да се промовира волонтерството за учество да заземат и поголема маса на луѓе?
“Сум размислувала многу за ова прашање, и мислам дека навистина мора сериозно да се работи во нашата држава за да се промени ситуацијата и да се создадат поволни услови за волонтирањето – кое е активност од интерес за државата. Ова се само некои од идеите кои може да допринесат за поттикнување на волонтерството и мотивирање на граѓаните да волонтираат:
За сѐ ова, потребна е поддршка и од медиумите, преку промоција на позитивни примери и давање придонес во промоцијата на волонтерството воопшто и разјаснување за тоа што е, а што не е волонтирање…”, вели Митровиќ.
Прочитајте и: Волонтерите – тивките херои на секое општество
Иако, бенефити од волонтирањето има многу, од можности за социјализација и запознавање нови луѓе до стекнување вештини и искуство, сепак волонтери и кампањи за волонтерство се малку. Затоа на овој ден, тимот на Гоце.мк сака да даде придонес со општо ниво на едукација за она што значи да се биде волонтер. Распрашајте се во вашите локални заедници кои со сигурност имаат потреба од млади волонтери и искористете ја можноста да бидете и вие еден од хероите на општеството. Ако сакате да волонтирате во областа на медиумите ГОЦЕ.МК е отворен за вас. Контактирајте не!