Најдолготрајниот случај на заразен пациент со ковид трае, верувале или не, 505 дена!
Невозможно е со сигурност да се знае дали се работи за најдолготрајната инфекција со коронавирус, но, како што истакнува д-р Лук Благдон Снел, со вкупно 505 дена, дефинитивно е најдолгиот пријавен и документиран случај досега.
Д-р Снел, експерт за заразни болести во Фондацијата Гај и Сент Томас, Националната здравствена служба на Британија, планира да претстави неколку случаи на долготраен ковид со својот тим на конференција за заразни болести во Португалија.
Нивната студија истражуваше како вирусот мутира и дали може да се појави нов вид во телото на пациент кој бил инфициран подолг временски период. Студијата опфатила девет пациенти кои биле инфицирани најмалку осум недели.
Сите учесници имале послаб имунолошки систем поради претходна трансплантација на органи, ХИВ, рак или третман на други болести. Повторените тестови покажаа дека нивните инфекции траеле во просек 73 дена, додека две лица го „носеле“ вирусот повеќе од една година. Претходно, истражувачите рекоа дека најдолгиот познат случај потврден со PCR тест траел 335 дена.
„Упорниот“ ковид се разликува од „долгиот“ ковид
Научниот тим нагласува дека таканаречениот „упорен“ ковид се разликува од долгиот ковид. „Кога зборуваме за долгиот ковид, луѓето често претпоставуваат дека го напуштил организмот, а единствено нешто што останува се симптомите. Меѓутоа, кога станува збор за постојана инфекција, тоа значи активна репликација на вирусот“, рече Снел.
Секој пат кога истражувачите ги тестирале пациентите, го анализирале генетскиот код на вирусот за да се уверат дека станува збор за истиот вид. Генетското секвенционирање покажа дека вирусот се менува со текот на времето.
„Мутациите беа слични на оние кои подоцна се појавија во широко распространети варијанти“, вели шефот на истражувањето.
Лицето со најдолга позната инфекција со ковид беше позитивно на почетокот на 2020 година, а почина во 2021 година. Истражувачите одбија да ја наведат причината за смртта и рекоа дека пациентот има неколку други болести.
Пет пациенти преживеале – двајца биле излекувани со, а двајца без терапија, додека едно лице се уште е заразено со Ковид. На последниот тест инфекцијата на тој пациент траела 412 дена.Истражувачите се надеваат дека ќе се развијат повеќе третмани кои потенцијално би можеле да им помогнат на луѓето со постојани инфекции да го победат вирусот.
„Мора да имаме на ум дека има некои луѓе кои се поподложни на овие проблеми, како што се постојана инфекција и тешка клиничка слика“, заклучува Снел.