

Фото: FB Валхала фин
Езерото „Калиманци“ кај Македонска Каменица најчесто е тема на интерес кога се коментира колку е празно (или поретко полно), но деновиве стана актуелно и по еколошкиот удар кој го трпи, а на кој алармира НВО „Валхала Фин“ од Македонска Каменица. Според нив, на езерото му се заканува голема еколошката катастрофа што се случува на водите и бреговите на езерото Калиманци, предизвикана од надоаѓање на огромни количини на отпад и шут од реките кои се влеваат во езерото.
–Ова загадување предизвикува голема загриженост кај нас граѓаните на Македонска Каменица, и ние како НВО сектор кој во своите програмски определби и цели на делување го има зачувувањето на животната средина се чувствуваме повикани да делуваме на било кој начин со цел да го спречиме загадувањето на езерото.Да го заштитиме езерото од сегашното и идното загадување и да го зачуваме за сегашните и идните генерации е обврска на сите нас. За таа цел ние како група НВО-и од Македонска Каменица Ве повикуваме на состанок на кој ќе се расправа за идните чекори на делување (акциски план) кои секој од нас како општествен чинител ќе треба да ги преземе со цел езерото Калиманци достојно и во вистинска смисла на зборот да заживее како рекреативно-спортска и туристичка точка, велат од „Валхала Фин” .
Апелот на оваа невладина организација е упатен до сите засегнати институции и поединци, а состанокот наречен „За спас на Калиманско езеро” е планирано да се одржи на ден 18.01.2022 од 17 часот во КИЦ Романса во Македонска Каменица.