
Бројот на наставници и соработници во македонските високообразовни установи во тековната академска 2022/2023 година изнесува 4.496, информираше вчера Државниот завод за статистика.

Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип
Од вкупниот број, 3.166 или 70,4 отсто се наставници, додека 1.330, односно 29,6 проценти се соработници во наставата.
Податоците укажуваат и на речиси изедначена полова структура – бројот на наставнички и соработнички изнесува 50,1 отсто, додека наставници и соработници се 49,9 отсто.
Според универзитети, најмногу професори и соработници работат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје – вкупно 1.977, потоа на Државниот универзитет во Тетово – 783. На трето место според бројот на професори и соработници е Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип со 555 наставници и соработници.
Меѓу факултетите, најбројни се професорите на медицинските факултети. Така, најмногу наставници има Медицинскиот факултет на УКИМ каде се избројани вкупно 640 професори и соработници, а од нив над 61 отсто се жени. На второ место е Медицинскиот факултет при УГД, каде предаваат 217 професори и соработници, а од нив 63 отсто се жени.
Трет факултет со најмногу наставници и соработници – вкупно 205 – е Факултетот за медицински науки на Универзитетот во Тетово. Но, таму, за разлика од сродните факултети на другите државни универзитети, процентот на жени – професорки и соработнички, изнесува само 26,3 отсто.
По факултетите за медицински науки, според вкупниот број на професори и соработници, следуваат Филолошкиот (108) и Филозофскиот (106) факултет на УКИМ.