ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
07.10.2024
Национализмот како неизлечива балканска болест
Автор: Goce Author

Како и за повеќето поими во општествените науки, дефиницијата на национализмот е сложена. Теоретичарите на различни начини го дефинираат национализмот и му придаваат различни значења. Една од главните дилеми во многуте дискусии меѓу научниците е: дали национализмот донесе позитивни или негативни промени во светот?

Се разбира, одговорот на овие прашања е комплициран. Една многу едноставна премиса вели дека на некои прашања, одговори се даваат со текот на времето, бидејќи исти појави низ историјата, биле замислени и разбрани на различни начини. Од почетокот на 18 век, национализмот е доминантна идеологија во речиси сите земји во светот, и се смета за нешто позитивно, бидејќи се смета дека нацијата е природна заедница и дека ги ослободува луѓето од туѓо заробеништво.

Сепак, од пообјективна гледна точка, дури и со сите позитивни работи што национализмот му ги донесе на светот, тешко е да се каже дека создаде помирен и посреќен свет. Затоа што во последните два-три века, во Европа и во светот, огромното мнозинство војни, воени злосторства и геноциди беа извршени во име на национализмот.

Балканот е еден од оние простори кои и во минатото и денес, за жал, ја доживуваа најстрашната болка од војните, масакрите и геноцидите токму мотивирани од национализмот и неговите екстремни форми.

Од друга страна, мора да се каже дека балканските народи не биле само жртви на некоја странска националистичка идеологија. Балканот многу брзо се претвори во неисцрпен извор на национализам. Дури и денес, балканските држави не успеваат да го најдат својот мир од проблемите создадени од националистички побуди.

Овој примитивен начин на разбирање на национализмот е тесно поврзан со типот на национализам или моделот на нација на Балканот. Теоретичарот Ентони Смит тврди дека национализмот може да се подели на граѓански и етнички национализам. За разлика од граѓанскиот модел на нацијата, каде што солидарност меѓу нејзините членови се постигнува со нагласување на нивната територијалност и поврзаност со државата, во однос на правата и обврските на граѓаните кон државата, етничкиот модел на нацијата главно се заснова на културни елементи како што се како јазикот, митовите, историјата, колективната меморија итн.

Врз основа на оваа поделба, според Смит, главната карактеристика на етничкиот национализам е неговата иредентистичка и антагонистичка природа. Со оглед на тоа што овој тип на национализам ја бара својата легитимност во историските и културните права на народите, тој често предизвикува проблеми меѓу два или повеќе народи кои претендираат на истото историско право или културно наследство.

Македонија – земја заложник на национализмот

Од втората половина на 19 век, особено по Берлинскиот конгрес во 1878 година, Македонија ќе се трансформира во арена каде се судираат иредентистичките и националистичките интереси и политики на балканските држави, Бугарија, Грција и Србија. Сите три држави, потенцирајќи го нивното историско право, ќе бараат сопственост над територијата на Македонија.

Ваквиот нивен пристап кон територијата и народот кој живее во Македонија, ќе донесе масакри и масовни убиства, а поради овој колонијалистички пристап ќе страда невиниот народ на Македонија, без разлика на етничката и верската припадност. Сигурно најдраматичната последица од овој иредентистички пристап и националистичкиот менталитет на горенаведените држави, ќе биде негирањето на македонската нација и идентитет.

Автор: Мурат Алиу 

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Менталното здравје и студентскиот живот – соочување со предизвиците
(Колумна) Детскиот карцином – најтешката борба што можете да ја замислите!