Универзитет “Гоце Делчев” денес го обележа светскиот ден на науката преку доделување на бројни признанија и награди на научници кои твореле во изминатата 2023 година. Беа доделени награди од областа на Природните, Техничките, Медицинските и Општествено хуманистички науки.
Наградата за најдобар научник во 2023 година отиде во рацете на професор доктор Татјана Рушкоска и професор доктор Рубин Гулабовски.
Меѓу наградените професори беа проф.д-р.Сотирија Дувлис, проф.д-р.Ванчо Аџиски, проф.д-р. Билјана Петревска, Проф. д-р Даринка Ѓоргиева Ацкова, асс. м-р. Павлинка Кокошкарова, доц.д-р. Маја Чочевска, Др. Надица Драскачева.
“Пресреќна сум што се стекнав со три престижни награди на нашиот Универзитет, горда сум на успесите. Особено ми е чест тоа што Универзитетот го цени мојот труд и особено ми е драго тоа што имам можност да им ја доближам биохемијата на студентите и да им овозможам да ги засакаат природните науки”, истакна проф.Татјана Рушковска
“Мило ми е што и оваа година имаме можност да го одбележиме денот на науката. Изразувам благодарност до управата на Универзитетот за престижната награда. Се надевам дека во иднина ќе имаме повеќе млади колеги кои ќе бидат фокусирани на науката, дури и ги охрабрувам да не се плашат да истражуваат”, изјави професор Рубин Гулабовски.
Двајцата еминентни професори земаа и награди за објавени научни трудови во најпрестижните списанија, како и награди од областа на Природните и Медицинските науки.
Покрај наградите признанија за научен придонес на УГД добија и околу 30тина професори, асистенти и научни работници.