
Владата на Северна Македонија поднесе предлог-закон за измена на Законот за ДДВ, кој предвидува укинување на сегашната ослободување од плаќање ДДВ при увоз на пратки со мала вредност до 22 евра, кои доаѓаат од странство до бројни домови.
Според новите измени, даночно олеснување ќе важи само за мали пратки со некомерцијална природа — испратени од физичко лице до друго физичко лице — доколку нивната вредност не надмине 22 евра (во денарска вредност). Исклучени од ова ослободување се пратките што содржат алкохол, парфеми, тоалетни води, тутун и тутунски производи.
Со оваа промена, онлајн купувањата од странски веб-продавници, без оглед на вредноста, ќе бидат подложни на ДДВ, што ја приближува земјата до пракси во Европската Унија — кадешто истиот праг беше укинат уште во 2021 година.
Иако законот е поднесен до Собранието, поради тековните локални избори не може веднаш да се гласа. Министерството за финансии најавува дека измените најверојатно ќе бидат разгледани и изгласани кон средината на ноември, по завршување на изборниот процес.
Според проценките, овие измени нема да го загрозат буџетот, ниту ќе бараат дополнителни средства за спроведување. Но, експертите предупредуваат дека поштенските оператори и Царината ќе имаат зголемен административен товар поради обработката на повеќе пратки на кои ќе мора да се пресмета ДДВ.
Со измената на членот 27-б во Законот за ДДВ се воведува нова точка (2-а), а бришењето на старата точка (26-а) ја елиминира можноста за ослободување на пратки до 22 евра од странство.
На удар најмногу ќе бидат мали пратки од платформи како Temu и AliExpress и слични, преку кои македонските потрошувачи често нарачуваат евтини производи под 20 евра. До сега, тие често пристигнуваа без дополнителни трошоци, но со новите одредби ќе мора да минат царинска постапка и да се пресмета ДДВ — што ќе ја покачи крајната цена и може да го намали интересот за вакви нарачки.
Новите одредби ќе стапат на сила осмиот ден по објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, веднаш по официјалното усвојување во Собранието.