Во цела Европа во октомври се измерени рекордно високи температури, што ја зголемува загриженоста на научниците за климатските промени.
„И во наредните денови не очекува претежно сончево време, без врнежи, со температура околу или малку над просечната за овој период од годината“.
Оваа реченица се користеше речиси секој ден за завршување на вестите на телевизија или на радио во октомври годинава во земјите од Балканот, па и во Европа
Посетителите на плажи во Европа уживаа во температури од околу 30 степени во октомври, но таквото топло време низ континентот ги загрижи научниците и активистите за климатски промени.
Во Шпанија секој ден во октомври, освен првиот, бил потопол од вообичаено, објави националната метеоролошка агенција АЕМЕТ.
Француските плажи беа преполни, а во некои градови беа забележани тропски ноќи, каде температурите не се спуштија под 20 степени.
Сончањето на плажите во октомври не е вообичаено во поголем дел од Европа.
„Голем дел од промената кон потопло просечно време и зголемените временски екстреми се припишуваат на нашите емисии на стакленички гасови“, изјави за Би-Би-Си д-р Вера Еори, предавач по климатски промени на Шкотскиот рурален колеџ.
Во Германија е забележан најтоплиот октомври откако во таа земја почнале да се мерат температурите во 1881 година.
„Го доживеавме октомври со температури како оние во мај… Ова е увид во нашата климатска иднина“, рече Уве Кирше, портпарол на германската метеоролошка служба.
Германија не е единствената земја каде што беа срушени температурни рекорди во октомври 2022 година.
Во Австрија е забележан и најтоплиот октомври во историјата на мерењата, соопшти Централната институција за метеорологија и геодинамика на земјата.
Температурите го достигнаа својот врв и во Шпанија. По летото обележано со топлотни бранови и катастрофални пожари, деновите на крајот на октомври беа многу топли.
„Ниту еден 27 октомври не бил толку топол како овој“, објави шпанската национална метеоролошка агенција.
На југот на Шпанија, во градот Морон де ла Фронтера, температурата надмина 34,5 степени.
„Краткорочно, она што го гледаме е влијание врз енергетските системи и транспортот, на пример, нивото на реките станува премногу ниско за речен транспорт“, вели Еори.
Таа предупредува дека долгорочните влијанија би можеле да бидат посериозни.
„Постои ризик дека нашите системи за храна ќе станат уште понееднакви, дека повеќе луѓе ќе гладуваат и умираат од глад. Исто така, можна е и поголема миграција поради влијанието на климата во некои области“, рече таа.
Климатолозите најавуваат леден пекол: „На Европа и се заканува температурен шок“
Светските лидери кои присуствуваа на COP27 во Египет од 6 до 18 ноември треба да преземат голема посветеност да го спречат ова, рече Еори.
Климатскиот самит на ОН, COP27, ги собира претставниците на земјите за да разговараат за борбата против климатските промени.
Говорејќи претходно, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави за Би-Би-Си дека земјите мора повторно да им дадат приоритет на климатските промени или светот ќе се соочи со катастрофа.
„Постоеше тенденција климатските промени да се стават на втор план“, рече Гутереш.
„Ако не можеме да го смениме сегашниот тренд, ќе бидеме осудени на пропаст“, заклучи тој.