ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
14.06.2023
Најдобриот студент на Факултетот за медицински науки на УГД планира да остане и да работи во Македонија

Кристијан Живков е дипломиран доктор по Општа медицина, кој неодамна доби признание од Лекарската комора за студент со најдобар просек на Факултетот за Медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип кој изнесува 9,84. Наградата „Примариус д-р Димитар Ивановски“ ја добија и најдобрите студенти од Факултетите во Скопје и Тетово.

Кристијан Живков

Голема улога во изборот за кариерен пат на Кристијан имала неговата сестра. Како ученик во средното медицинско училиште во Штип , таа со него  ги споделувала приказните од пракса во болницата, па така тоа го поттикнало да се запише и тој прво во средното медицинско училиште, а потоа и на ФМН. Покрај сестра му, хуманоста и придонесот кои ги носи оваа професија биле клучни во неговиот избор. Во поглед на признанието, тој вели дека добро балансираното време и максимално вложениот труд се тајната за неговиот успех.

Да се исели или да работи во Македонија?

Иако сѐ уште не знае што носи иднината и дали ќе има можност за добри понуди, Кристијан би сакал да остане во сопствената држава и да биде од корист на истата. Меѓутоа не ја исклучува и можноста за до-едукација и во странство.

По Еразмус плус размената во Хрватска во текот на неговите студии, тој смета дека е неопходно и да се научи практиката на нови методи и дијагностики и да се применат во сопствената држава. Кристијан ги охрабрува сите студенти да ја искористат оваа Еразмус плус програма која ја нуди Факултетот бидејќи ќе се стекнат со поголемо знаење во практичната настава која поради поинаквиот систем е многу поорганизирана од нашата.  Главната  разлика во организацијата е дека таму повеќе пациенти се третираат на ниво на примарна здраствена заштита, додека кај нас се третираат во секундарна и доаѓа до преоптеретување на нашиот систем.

„Со воведување на нови програми и добри стратегии, со подобрување на соработката помеѓу факултетите и болниците можеме да бидеме чекор поблиску до поорганизиран здравствен систем. Морам да кажам дека ситуацијата е подобрена во УГД, каде Факултетот има склучено соработка со престижни болници како „Систина“ и болницата „Жан Митрев“. Исто така, ситуацијата може да се подобри и со мотивација на самите асистенти за да се посвети повеќе време на студентите, или пак со вработување на дополнителни асистенти чија главна задача ќе им биде само работата со студенти.“, вели Кристијан.

Кристијан Живков со деканката на Факултет за медицински науки проф. Милка Здравковска

Вработување веднаш по дипломирањето е мотивација на докторите да останат овде

Кристијан смета за да се задржат  дипломираните доктори во државата, треба фокусот да се стави на студентите, односно на оние кои се покажале како најдобри. Да се даде можност за специјализација веднаш по завршениот задолжителен стаж, зголемување на платите, отворање нови работни места се некои од стратегиите со кои би се мотивирале идните доктори да останат овде и да се подобрат здравствените услови во државата. Друга идеја е  да се даде и можност за вработување веднаш по дипломирањето на најдобрите 5 студенти од секој факултет со што на тој начин  студентите би имале мотив за учење и унапредување.

проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица
Воздухот значително загаден и во градинките и школите