
Светската недела на имунизацијата во Македонија доаѓа во период кога значително е опадната довербата во вакцините, според податоците на СЗО.
По повод одбележувањето на Европската недела на имунизација 2023, Министерство за здравство почна со теренски активности во рамки на широка кампања за промовирање на имунизацијата, што се реализира заедно со Светска здравствена организација и со финансиска поддршка од Европската Унија.

Над 30 тимови од медицински лица од здравствените домови во државата, одат „од врата до врата“, односно ги посетуваат семејствата каде има невакцинирани лица.
Тимовите ги информираат семејствата за придобивките од имунизацијата, делат промотивен материјал и во договор со родителите имаат можност да закажуваат термини за вакцини од редовниот календар за имунизација.
Кампањата ќе трае пет недели (до крај на месец мај) и се планира да бидат посетени над 2.900 семејства.
Во рамки на кампањата, постарите лица над 60 години имаат можност на лице место да примат поливалентна вакцина против Ковид-19 како бустер доза.
Довербата во вакцините значително опадна, предупредува извештајот на УНИЦЕФ, непосредно објавен пред Неделата на имунизација. Во листата препораки конкретно за Македонија УНИЦЕФ наведува дека мора да се продолжи со идентификување на сите невакцинирани деца и секако тие да се вакцинираат, а особено оние дечиња кои пропуштија вакцинации за време на пандемијата на Ковид-19.
Се препорачува да се зајакне довербата во вакцините и побарувачката, вклучително и преку тесна соработка со локалните заедници со цел решавање на нивните потреби и грижи поврзани со вакцинацијата, исто така да се даде приоритет на финансирањето на службите за имунизација и примарната здравствена заштита, како и да се изградат отпорни здравствени системи преку инвестирање во здравствените работници.
Македонија на второ место во Европа и Централна Азија по невакцинирани деца
Најновите податоци во извештајот на УНИЦЕФ направен врз основа на истражувања во 55 земји во светот, покажуваат дека дури во 52 земји стапките на вакцинација се намалени за повеќе од една третина и тоа во Јужна Кореја, Папуа Нова Гвинеја, Гана, Сенегал и Јапонија. 29 од вкупниот број проучувани држави се во Европа и во Централна Азија. Босна и Херцеговина, Киргистан и Македонија се на второ место поневакцинираност, додека само во три земји – Кина, Индија и Мексико – податоците покажуваат дека луѓето останале позитивни за здравствените придобивки од вакцинацијата.
Што се однесува конкретно за Македонија, извештајот покажа дека за разлика од светските трендови каде невакцинираните деца се главно во најнеразвиените и најсиромашните земји, во Македонија бројот на деца со „нула дози“ е во градовите и тоа во најбогатите и најразвиените делови од државава.