
Во текот на оваа недела ќе заврши главното ПИСА тестирање во Македонија. PISA 2022 студијата започна да се спроведува од 07.04.2022, а ќе заврши на 27.05.2022 година.
Тестирањето се спроведува во сите средни училишта во Р.Северна Македонија на македонски и на албански јазик.
PISA е Програмата за меѓународно оценување на учениците, спонзорирана од страна на Организацијата за економска соработка и развој (OECD). ПИСА е најголемото светско меѓународно истражување во образованието во кое се вклучени ученици на 15 годишна возраст. Со ПИСА2022 се мери примената на знаењата од научната писменост, математичката писменост, писменоста за читање на учениците, и за прв пат ќе се мери креативно размислување на учениците.
Резултатите од спроведената студија овозможуваат да се добијат валидни податоци за тоа колку добро учениците се подготвени за живот во модерни општества по завршување на училиштето, ставајќи акцент на применливоста на знаењата, вештините и компетенциите кои ги стекнале во текот на образовниот процес, Воедно се добиваат сознанија и за социо-економските и образовните фактори кои влијаат на постигањата на учениците.
Јетон Шаќири, Министер за образование
Од секое училиште во примерокот во зависност од вкупниот број на ученици родени 2006 година по случаен избор беа одбрани по 35 или 60 или 80 или 100 или 155 ученици кои ќе бидат тестирани на македонски, односно на албански јазик. Вкупно од сите училишта во РСМ со ПИСА 2022 ќе бидат тестирани 7850 ученици.
Во РСМ за прв пат ПИСА2022 ќе се реализира електронски, односно учениците тестот и прашалникот ги решаваат на компјутер.