ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
15.03.2022
Некој чисти, а не мора, некој загадува, а не треба…приказна Баргала

Археолошкиот локалитет Баргала е место кое е многу посетувано, но и многу загадувано. За неверување е дека некој, што би рекле на екс ју просторите „ничим изазван“, се решил да го чисти!

Чудење и неверување е најблагата форма на реакција во Македонија кога ќе се види некој да работи нешто што ниту некој го тера да работи, ниту му носи лична корист, а е за општо добро. До таму сме дојдени, да ни е  несфатливо дека некој ќе постапува совесно, дека ќе губи време и енергија на нешто за што не е платен.

Такви прашања добивала и штипјанката Марина Шуманска, од луѓе кои ја виделе како на археолошкиот локалитет Баргала собира отпадоци. Повеќето помислувале дека станува збор за некаков проект (а кај нас кога се спомене проект, се мисли на пари). Е да, Марина Шуманска вели дека ова е проект „Баргала“, но проект кој таа со свои пријатели потполно волонтерски, без никаков надомест го реализира, затоа што ја сака природата и сака таа да биде чиста. Како неа не мислат многу посетители на овој локалитет, кои оставаат најразлични отпадоци, без нималку грижа за животната средина. Фотографиите од полни вреќи собрани отпадоци сведочат за тоа што било оставено таму, а во трите наврати досега го собрале Марина и пријателите.

Во една од своите објави на социјалните мрежи таа вели:

„Акцијата продолжува, собрани уште неколку вреќи пластика и што ли уште не… Градоначалникот на Општина Карбинци вети дека ќе постават контејнер, а ние порачавме табли за предупредување.  Некој од посетителите не праша – Зошто го правите ова? За да се напиеме кафе на чисто и да уживаме во природата – реков. На здравје на живот мои штипјани!„

За уште еднаш да се увериме дека често за нашата животна средина повеќе се грижат луѓе кои баш и не мораат, денот кога ја посетивме Баргала заедно со Марина во акција за чистење беше и Венелин Илиев од Бугарија. Како и којзнае колку пати досега, странци се обидуваат да ни ја пробудат свеста, ама залудно, ние повеќе милуваме да загадуваме, очекувајќи дека некој друг ќе исчисти после нас. Демонстрираме врвна лежерност во однос на грижата за животната средина, иако некој зборот „лежерност“ слободно ќе го замени со „невидена еколошка некултура“.

На Баргала ќе се постават контејнери, но посетителите тре ба да се однесуваат како дома

Кога ја прашавме Марина дали може оваа приказна да ја објавиме, се согласи, затоа што се надева дека барем малку ќе се разбуди свеста кај младите и кај сите кои го посетуваат овој, но и други локалитети, да се погрижат зад себе да не оставаат купишта отпадоци. Дали тоа ќе се случи, навистина е неблагодарно да се прогнозира. Засега сигурно е дека во контактите со Општина Карбинци и Јавното претпријатие „Плачковица“ наишла на разбирање и добила ветување дека ќе биде поставен контејнер на локацијата. Од јавното претпријатие дознавме и дека контејнерот веќе е однесен на локацијата, а и дека на тој локалитет се планираат и други содржини кои ќе понудат убави услови за посета и престој таму.

На посетителите ќе остане, ако ништо друго, барем да се однесуваат како дома – да си го собираат ѓубрето после себе. Ако не им е претешко….

Гаалерија

По полициската акција се огласија од УГД: Целосно соработуваме со ОЈО и МВР
(Видео) Млади Хаб во Штип е простор каде младите ги претвораат идеите во иницијативи