Според Ренос Георгиу, основач и директор на невладината NECI EU, младите во Македонија немаат доволно можности и ресурси поради недоволните финансиски средства, но и поради тоа што Македонија не е дел од Европската Унија. При посетата на Македонија, Ренос заедно со NECI NMK организираше тридневна работилница за млади, каде имавме прилика да поразговараме за разликите помеѓу условите кои ѝ се нудат на младите овде и во странство.
Аудио интервјуто со Ренос Слушајте го овде:
„Разликата помеѓу Македонија и другите држави во Европа е тоа што другите држави имаат повеќе можности кои им ги нудат на младите. Причината за тоа што Македонија нема доволно можности е бидејќи таа не е дел од ЕУ. Па, така финансирањето и вклученоста на младите се отежнати во Македонија. Но, позитивното е тоа што младите во Македонија покажуваат интерес за да се вклучат во активностите кои ги организираме како што се курсеви, проекти или работилници бидејќи сакаат да научат нешто ново. Многу сум оптимистичен во поглед на младите овде ,кои дури и со ограничени средства успеваат да го искористат максимумот од ресурсите кои им се дадени. “, вели Ренос.
Мартин Николовски ,претседател на Здружение за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола сподели дека најмногу се соочиле со финансиски предизвици во текот на пандемијата.
„Целосното и вистинско вклучување на младите во активностите на нашите организации, секако, подразбира и соодветно буџетирање за нивната вклученост. Ние, Интерактив, како организација секогаш се трудиме во нашите проектни активности да ангажираме што е можно повеќе млади и се трудиме тоа да бидат млади кои претходно не биле вклучени.Доколку постои желба и од страна на младите, средства за нивно вклучување секогаш може да се најдат.Во последниве неколку години откако започна Ковид-пандемијата се соочуваме со предизвикот да имаме стабилно финансиско одржување на организацијата и навистина е тешко затоа што граѓанскиот сектор беше погоден од оваа ситуација. Многу донатори ги откажаа своите проекти или пак проектите кои што требаше да се одржат со физичко присуство беа прекинати. Во наредниот период граѓанските организации ќе мора многу да работат на ова поле кон прибирање на повеќе средства преку кои би се реализирале активности за млади и би се вклучување се повеќе млади.“, вели Мартин.
Дополнително, Ренос тврди дека обучувачите и организаторите на работилници и проекти за млади треба да се едуцирани и искусни во оваа област. Тој препорачува организациите да организираат настани кои ќе траат не повеќе од 2-3 часа неделно за да го привлечат вниманието на младите. Потоа, тој сугерира темите на проектите да бидат поврзани со интересите на локалната заедница. Треба да се повикаат колку што е можно повеќе млади бидејќи и тие самите може да го прошират убавиот збор доколку е добро организиран настанот и им бил забавен и едукативен.